fbpx

Ковачевски пред утрешната седница: На владата не ѝ се потребни 80 пратеници, туку на граѓаните

Ковачевски додава дека за првпат опасност за вето кон пристапувањето во ЕУ не би дошло од надвор, туку од внатре во земјава

-

Пред утрешната собраниска седница на чиј дневен ред треба да се најдат уставните измени, премиерот Димитар Ковачевски денеска порача дека двотретинско мнозинство или 80 пратеници не ѝ се потребни на владата, туку на граѓаните на оваа држава.

Ковачевски додава дека за првпат опасност за вето кон пристапувањето во ЕУ не би дошло од надвор, туку од внатре во земјава. Тој додава дека десетдневната дебата во Собранието за уставните измени е добра можност за граѓаните да се уверат дека станува збор за процес кој е остварување на стратешка цел за земјава – членство во ЕУ.

„Вие гледате дека една од клучните теми се животниот стандард, социјалната заштита, владеењето на демократијата. Тоа се трите елементи според кои што ЕУ е најдобра во свет, на ниво на САД и ние како држава се стремиме да ги исполниме тие стандарди“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

И од неговата матична партија СДСМ денеска порачаа дека собраниската седница која почнува утре ќе покаже кој е за македонска европска иднина, а кој е против членството во ЕУ.

„Уставните измени не се ничиј диктат, ниту пак нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија. Ни повеќе ни помалку“, изјави портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека нема да гласаат за уставните измени на собраниската седница. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски на денешната средба со канадскиот амбасадор во земјава, Џајлс Норман изјави дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ останува непроменет, а истото ќе било пренесено и во Собранието.

Инаку, утрешната 123. седница на Собранието на РСМ е со единствена точка – Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Македонија. Најпрво ќе треба да се гласа за усвојување на дневниот ред на собраниската седница, за што се потребни 61 глас. Потоа, треба да отпочне претрес по предлогот, кој во Собранието на РСМ може да трае најмногу десет работни дена.

Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието треба да ја донесе со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно со 80 гласови. Сепак, собранискиот спикер Талат Џафери има можност да го одложи гласањето за уставните измени до оној момент додека не се создадат услови за гласање.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Град Скопје: Фирма без соодветни документи и дозвола монтира панорамско тркало пред „Борис Трајковски“

Фирма регистрирана пред само еден месец, без соодветни дозволи и документи кои гарантираат безбедност, монтира панорамско тркало и други реквизити во Општина Карпош пред арената „Борис Трајковски“, обвинува Град...