fbpx

Ковачевски: Потребна е соработка на сите земји од регионот за да се постигнат целите на енергетската транзиција

-

Потребна е значителна соработка на земјите од целиот регион на Западен Балкан за да се постигнат целите за енергетска транзиција, а истовремено да се надминат предизвиците од енергетската криза. Ова го посочи премиерот Димитар Ковачевски на Сесија за енергетска стабилност и трансформација во рамки на Самитот за Берлинскиот процес, кој се одржува токму во Берлин, Германија.

Како што соопшти Владата, на сесијата било потенцирано дека енергетската безбедност на Западен Балкан е подеднакво важна како и енергетската безбедност на ЕУ. Лидерите на земјите од регионот истакнале дека сите заедно работеле на надминување на предизвиците од енергетската криза, додека нивните колеги од ЕУ најавиле дека ќе бидат заедно со земјите од Западен Балкан при решавање на сите проблеми поврзани со енергетската криза.

Според Ковачевски, фокусот треба да биде на заедничко изнаоѓање алтернативи за стабилно и континуирано снабдување со електрична енергија, но и насочување кон обновливи извори на енергија. Како исклучително важен дел од визијата за Западен Балкан, премиерот го посочил неговиот концепт за енергетска трансформација преку примена на обновливи извори, ефикасни ресурси, како и конкурентни и климатски неутрални практики и стандарди.

На Самитот премиерот Ковачевски рекол дека Република Северна Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан која усвои Стратегија за развој на енергетскиот сектор заснована на столбовите на Зелениот договор на ЕУ.

„Ние сме и првата земја која спроведува проект за замена на стара термоцентрала на јаглен во „Осломеј“ во Кичево со фотонапонска централа, како конкретен чекор кон енергетската транзиција на Северна Македонија, покажувајќи силна иницијатива за декарбонизација на нашиот енергетски сектор. Ќе го спомнам и нашиот најзначаен проект за енергетска транзиција, во фаза на евалуација е изградбата на пумпно складиште хидроцентрала „Чебрен“, Црна Река, вредна над 800 милиони евра“, рекол Ковачевски.

За реализација на зацртаните планови, според премиерот, потребна е голема поддршка преку достапни грантови и поволни заеми за новите проекти и планови за праведна транзиција.

„Енергетската трансформација во транзицијата кон чисти извори на енергија, како и создавањето на систем кој ќе овозможи климатски отпорни економии е нашиот влог во иднината“, истакнал премиерот Ковачевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел возврати со напад врз Иран, Иран не планира да одговори

Израел утрово лансираше воздушен напад во близина на иранскиот град Исфахан, велат американски извори за Си-би-ес, а пренесува Би-би-си. Нападот доаѓа шест дена по нападот на Иран во Израел, кога...