Со амандманите кои ги поднесовме како опозиција, предвидуваме Владата да намали 10 милиони евра од градежни објекти за кои сметаме дека може да бидат изградени во нареден период затоа што сега е неопходно да се обезбедат овие средства за поплавените подрачја, изјави пратеникот Васко Ковачевски на вториот ден од расправата за ребалансот на буџетот на Комисијата за финансирање и буџет.

Според него, се предвидува да се скратат 300 милиони денари или 5 милиони евра од владата за економска промоција.

– Предвидуваме да се скратат и од министерството за финансии 390 милиони денари или 6,5 милиони евра од разни трансфери и непродуктивни трошоци. Од Агенцијата за странски инвестиции и промоција за економски маркетинг предлагаме да се скратат 80 милиони денари. Од Министерството за транспорт и врски да се намалат 1 милион евра за надградба и за реконструкција на управната зграда. Од Министерството за правда, исто така, за градежните објекти планираме и предлагаме да се намалат 32 милиони денари. Од Дирекцијата за технолошки индустриски зони од ставката други тековни расходи, предлагаме 30 милиони денари – изјави Ковачевски.

Според него, со ваквиот начин на прераспределба на овие средства, ќе можат да се обезбедат 36 милиони евра без дополнителни задолжувања, кредити и камати.