fbpx

Ковачевски по повод 30 години членство во ОН: Постигнавме модел за функционална демократија

Премиерот Ковачевски на дискусијата во седиштето на Обединетите нации говореше на тема Превентивна дипломатија, посредување и политика на пријателство на Северна Македонија од раните 1990-ти досега

-

Премиерот Димитар Ковачевски во рамките на работната посета на САД учествуваше на панел организиран по повод 30 години членство на Република Северна Македонија во Обединетите нации, информираат од владината прес-служба.

Дискусијата се одржа во седиштето на ОН во Њујорк, на која се обратија и Љубомир Фрчковски, постојан претставник на Република Северна Македонија во ОН, Метју Нимиц, американски дипломат и специјален пратеник на ОН во спорот за името, Џон Багот, полковник во пензија, командант на американскиот батаљон во УНПРЕДЕП, Мирослав Јенча, помошник генерален секретар за политички работи на ОН и Денко Малески прв министер за надворешни работи на нашата држава.

Премиерот Ковачевски говореше на тема Превентивна дипломатија, посредување и политика на пријателство на Северна Македонија од раните 1990-ти досега.

„Би сакал да подвлечам дека приемот во ОН, пред 30 години, претставува посебен настан во историјата на македонскиот народ и сите граѓани кои живеат во Северна Македонија – Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми и други со кои ја споделуваме оваа прекрасна земја. Тоа е исполнување на генерациски сон – да живеат во слободна, суверена и независна држава, цврсто засидрени во светското семејство на нации“, изјави премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека за разлика од другите републики во поранешна Југославија, ние успеавме да дојдеме до нашата независност на мирен начин, што сигурно може да се смета за еден вид оригинален македонски рецепт за мир.

„Главните состојки на овој рецепт за мир беа мошне едноставни; некои од нив се дел од насловот на овој панел: дипломатијата, општата, но и превентивната, медијацијата и добрососедството. Додајте на тоа политичка мудрост, толеранција, култура на дијалог и подготвеност за компромис, и ете ја успешната македонска приказна“, рече Ковачевски.

Премиерот рече дека со приклучувањето кон ОН на 8 април 1993 година, бил поставен преседан во ОН, со што Организацијата добила земја-членка која се прифаќа под привремена референца која потоа се користеше за државата во следните 27 години.

Под закрила на ОН и со назначувањето на двајцата медијатори на Генералниот секретар, Сајрус Ванс и Метју Нимиц, започнаа разговорите меѓу Грција и нашата земја во врска со разликите за името, а конечно беа завршени преку медијација, со потпишување на Преспанскиот договор во јуни 2018 година, рече Ковачевски.

„За нас тоа беше тежок и болен компромис. Сепак, со тоа, нашата земја докажа дека преку употреба на дипломатија и дијалог, разбирање и толеранција, како и со компромис, дури и најтешките прашања може да се решат, а со тоа, да се отворат нови перспективи за пријателство и соработка“, додаде тој.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање им оддаде почит на сите лидери на нашата земја од Киро Глигоров, преку претседателот Трајковски кој го водеше Охридскиот рамковен договор, до премиерите кои ја водеа земјата низ процесите на транзиција и Зоран Заев, кој донесе храбра одлука која не беше лесна што ја направи земјата безбедна и во НАТО.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Пропаганда за украинските деца депортирани во Русија одекна од европратеникот Де Грааф

Наспроти изнесеното во неговиот говор, украинските деца се депортирани во Русија и Комитетот на ОН ја обвинува за злоупотреба на правата на украинските деца. Од почетокот на воената инвазија,...