fbpx

Ковачевски: Од „Славишко поле“ ќе се наводнуваат нови 200 хектари обработливо земјиште во Ранковце и Крива Паланка

-

Премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше на пуштањето во употреба на системот за наводнување „Славишко поле“ во општина Ранковце, заедно со министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, претставникот од делегацијата на ЕУ, Феручио Бого и градоначалниците на општините Ранковце и Крива Паланка.

Како што соопштија од Владата, системот за наводнување „Славишко поле“ е изграден со финансиска поддршка од Европската Унија во вредност од близу 1,8 милиони евра, како дел од проектот на ИПА за изградба на мали нискотрошковни системи за наводнување, чија што вкупна вредност изнесува околу 10 милиони евра.

Премиерот Ковачевски упати благодарност до делегацијата на Европската Унија и изјави дека со овој систем земјоделците од регионот на Ранковце и Крива Паланка добиваат организиран и модерен систем за наводнување на земјоделските површини, со што се обезбедува одржливо производство за земјоделците од регионот.

„Постоечкиот систем за наводнување беше нефункционален, со минимален капацитет за наводнување од само 40 хектари. Сега со новиот систем ќе се наводнуваат 200 хектари обработливо земјоделско земјиште кое го обработуваат околу 500 домаќинства од селата Псача, Петралица и Гиновци. Земјоделците, во текот на целата година ќе имаат достапна вода за наводнување на земјоделските посеви, што крајно ќе влијае врз зголемување на земјоделското производство, не само во квантитет туку и во квалитет. Наводнувањето и инвестициите во водостопанската инфраструктура се основата за развојот на земјоделството и токму затоа ставаме силен фокус на ваквите инвестиции како денешната, особено во овие времиња на криза кога е важно да произведеме што повеќе храна“, подвлече Ковачевски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Николовски изјави дека системот за наводнување „Славишко поле“ ќе им овозможи на земјоделците за три пати да го зголемат производството и никогаш повеќе да не се грижат како да донесат вода на нивите.

Фото: Влада на РСМ

„Системот е проектиран да работи под притисок, со што ќе овозможи користење на прскалки или системи за наводнување капка по капка, со што се постигнува висока ефикасност на наводнувањето. Нема да има загуби на вода што е од исклучително значење заради заштита на животната средина и сѐ поголемите влијанија на климатските промени. Тоа е модерно земјоделство! Не само да се обезбеди вода, туку при тоа да се запазат сите стандарди за зачувување и грижа за обновливите извори на енергија, да не се нарушува биодиверзитетот и да не се уништува природата, за да може и понатаму изворот на Крива Река кој е високо на Осоговските Планини и понатаму да му дава живот на целиот регион низ кој поминува реката“, рече Николовски.

Претставникот од делегацијата на Европската Унија Бого, изјави дека системите за наводнување не носат само социо-економски придобивки, туку воедно помагаат во заштитата на животната средина, зачувување на водните ресурси и нивно ефикасно користење.

„Во согласност со Зелениот договор на Европската Унија, секоја економска активност, вклучително и земјоделството, мора да ја почитува животната средина. Мораме да дадеме се од себе во ова, пред да биде предоцна. Земјоделството што ги почитува зелените принципи, насекаде вклучително и во Северна Македонија, е клучно за постигнување на амбициозната цел за климатско неутрална Европа. Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија и македонскиот народ во овој и во другите заеднички потфати“, рече претставникот од делегацијата на Европската Унија Бого.

Премиерот Ковачевски посочи дека во изминатите пет години ресорното министерство вложува во капитални инвестиции во изградба и реконструкција на брани и системи за наводнување чија со вредност близу 230 милиони евра. Паралелно со капиталните инвестиции, премиерот Ковачевски посочи дека Владата во координација со министерство за земјоделство за прв пат донесе „Национален план за производство на храна“, кој содржи конкретни мерки за поддршка на овој важен сектор во време на криза, и планот веќе се реализира.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...