„Не постои сила што може да застане на патот на европскиот напредок на нашата држава. Продолжуваме одлучно по европскиот пат, бидејќи тоа е патот на иднината и патот на прогресот“, порача премиерот Димитар Ковачевски вчера во Крушево, во предвечерието на големиот национален празник 2 Август, Илинден и Денот на Републиката. Ковачевски присуствуваше и се обрати на отворањето на традиционалната манифестација, Научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“, која од 1 до 10 август се одржува секоја година во Крушево.
Во своето обраќање премиерот Ковачевски упати пораки за просперитет, подобра иднина и напредок за сите граѓани во Република Северна Македонија.
„Ако некој случајно решил да ја преиспита прогресивната суштина на илинденската идеја, да блокира или кочи развој – тој, за сите е јасно, дека има различни мотиви и цели, од тоа што е интерес на граѓаните и државата. Минатото, покажува дека само режимски системи кочеле прогресивни идеи. Но, ние пред нас ја имаме големата визија на големиот Гоце Делчев и таа е и останува нашата политика“, рече Ковачевски.
Додаде дека Европа, која е нашата следна цел, не е само унија на држави, туку таа е вредносен концепт што е негуван со генерации. Во Европската Унија се обединети различни националности, традиции, вери, култури. Претставниците на државите, денес, седнати на заедничката европска маса, разменуваат идеи и вредности коишто им се мотив за себенадраснување, а не пречка. Таа Европа, посочи, ги отвора вратите и за Република Северна Македонија, со признание на македонскиот народ, идентитет, јазик, историја и култура, коишто се неоспорен факт и со почит кон нашата држава, како пример за мултикултурност.
„Нема од што да се плашиме, ниту ни доликува да се откажуваме од битки. Илинденците и асномците со оружје јуришале кон иднината за којашто верувале. Тоа е сегашноста што ја живееме ние денес, слободна и независна македонска држава. И ние имаме обврска да јуришаме кон иднината во којашто веруваме, а тоа е европската иднина за нашите деца и идните генерации“, рече Ковачевски.