Фото: Фејсбук страна на Димитар Ковачевски

Мандатарот за состав на новата Влада, Димитар Ковачевски, денеска пред пратениците во Собранието во своето експозе најави дека главен предизвик во економијата ќе биде соочувањето со ефектите од пандемијата и енергетската криза.Тој смета дека граѓаните се изморени од празни партиски говори и дека новата Влада мора да работи и да ги решава проблемите и предизвиците со кои тие се соочуваат секој ден. Порача дека ќе се направи интервентен план за поддршка на населението и стопанството за да се заштитат граѓаните од ценовни шокови.

Ковачевски, во образложението на Предлог- програмата за работа на новата Влада, каде како прв приоритет се наведени забрзаниот и одржлив економски раст со подобар животен стандард, ги потенцираше мерките што ќе се преземат за да се зголеми производството на електрична енергија од домашните капацитети за да се намали потребата од увоз.

„Ќе се зголемува домашното производство на електрична енергија преку инвестиции во нови зелени енергетски инфраструктурни проекти. Тоа е вистинскиот пат кон обезбедување на енергетската независност на Република Северна Македонија. Заштитата на животната средина останува врвен приоритет бидејќи тоа значи обезбедување на здрава и сигурна иднина на следните генерации. Се залагаме за долгорочен одржлив развој што се темели на грижливо користење на природните ресурси, “ рече Ковачевски.

Целта на новата Влада ќе биде креирање поголем и одржлив раст на економијата и пораст на БДП со удвојување на стапките на економски раст на среден рок и тоа од 2,5 отсто, на пет отсто просечен раст, што ќе се постигне преку зголемувањето на домашните и странските инвестиции, инвестиции во јавни и приватни проекти, како и зголемување на ефикасноста во реализацијата на капиталните инвестиции. Зголемувањето на пензиите ќе биде една од првите одлуки, најави Ковачевски и додаде дека минималната плата ќе продолжи да расте што ќе придонесе за раст и на просечната плата, како и дека ќе се фокусираат на намалување на стапката на невработеност на 11,4 отсто во 2024 година, односно 8,6 отсто во 2026 година.

Тој, пред пратениците најави и завршување на повеќе капитални инвестиции како Коридорот 8, поврзувањето со Бугарија и со Албанија, потоа автопите Кичево-Охрид, Скопје-Блаце и други и најави финансиска поддршка на земјоделството заради обезбедување на храна. Во врска со разговорите со Бугарија, Ковачевски најави дека ќе продолжат и ќе се интензивираат, но дека никој не смее и нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ.