Ковачевски не рече „Сите што заминаа ќе се каат кога ќе земаме поголеми плати од странство“

Тоа е додаден измислен коментар на авторот, кој понатаму со принт скринови се споделува како негова изјава

-

Во објавата се тврди дека премиерот на С. Македонија изјавил дека граѓаните што заминале на работа во странство ќе се каат кога ќе дојде моментот во земјата да се земаат поголеми плати, што воопшто не е точно. Изјавата на премиерот беше поврзана со платите, но поради извадениот контекст не може да се разбере дека зборува за желбата во земјата повторно да има повисок стандард од земјите во Источна Европа како во времето од поранешната ЈУ држава, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува фотографија од премиерот Димитар Ковачевски  со наслов:

Сите што заминаа од Македонија ќе се каат што ќе земаме поголеми плати од странство.

На објавата ѝ недостига контекст. Вака споделениот пост делува како да станува збор за изјава на премиерот Ковачевски, но тоа не е точно. Премиерот не го кажал тоа.

Споделената фотографија е надополнета со коментар: „Од дијагноза денес издвојуваме“

Принтскринот е направен од претходна објава, во која е пренесена изјава од Ковачевски, каде тој зборува за времето во Бивша Југославија, пред триесеттина години, кога платите биле повисоки во споредба со земјите од Источна Европа.

Овој текст е споделен со дополнителен коментар, кој ја вади изјавата на Ковачевски од контекст. А, потоа, од тој коментар заедно со фотографијата е направен принт скрин и  целата објава делува како изјава на премиерот, која тој не ја кажал.

Премиерот никаде во изјавата не вели дека ќе земаме поголеми плати од странство, туку дека ќе работи на тоа да земаме поголеми плати од земјите од Источна Европа, од кои сме имале поголеми плати во минатото.

„Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација. Во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка, и од Чешка, и од Романија, и од Полска, и од Бугарија, и од сите земји кои стана земји членки на Европската унија. Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки кои што ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓани од кои порано сме имале поголем стандард, бидејќи тоа нашите граѓани го заслужуваат и на тој пат сметам на поддршката на нашите стратешки партнери, пред сè САД, и земјите членки на ЕУ“, изјави Ковачевски, на заедничката прес-конференција со американскиот сенатор од Конектикат Крис Марфи. ( на 26 мај 2023)

Земањето „поголеми плати од странство“ не е исто со земање поголеми плати од земјите од Источна Европа, особено пред триесеттина години, а кои денес се членки на ЕУ.

Во 1990 година, Југославија имала БДП по глава на жител од 5.464 долари, повеќе од Чехословачка (3.942), Бугарија (2.920), Романија (1.642) и Полска (1.629). Ова се податоци пред 32 години од времето на СФРЈ.

Премиерот, правејќи паралела со минатото, најави  дека ќе работи на тоа земјава да има повторно поголем стандард од земјите во источна Европа.

Но, Ковачевски, никаде не спомнува дека тие што заминаа ќе се каат кога ќе земаме поголеми плати. Тоа е додаден измислен коментар на авторот, кој понатаму со принт скринови се споделува како негова изјава.

Изјавата на премиерот Ковачевски може да се спори по различни основи, но тоа што го пишува во постот претставува манипулативно пренесување на изјава при што е изместен контекстот.

Дводневен саем за пракса и вработување на Машински факултет

Студентите од техничкиот кампус при Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, денеска на Машинскиот факултет го посетија саемот за пракса и вработување, кој ќе трае и утре. Целта е студентите...