Ковачевски: Истрагата треба да покаже како дојавувачите на бомби ги дознале новите мејл адреси на училиштата

Фото: Влада на РСМ

Истрагата која ја води Министерството за внатрешни работи во врска со дојавите за бомби, треба да даде одговор на прашањето како и покрај променетите електронски адреси на училиштата кои се наоѓаат на заштитен сервер на Министерството за образование и наука (МОН), веднаш се нашле кај тие што ги испраќаат заканите.

Ова го изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешната посета на изградбата на втората фабрика на германскиот фармацевтски гигант „Герејсхајмер“ во Технолошко индустриската развојна зона-2, Скопје.

Тој кажа дека истрагата на МВР покажува првични интересни податоци, но дека не може многу да коментира, оти се работи за истрага која сè уште не е финализирана.

„МВР по секоја лажна пријава за бомба постапува согласно со законот, процедурите и постапките за антитероризам. Се води секогаш истрага за пријавата за лажни бомби и таа истрага која ја спроведува МВР покажува првични интересни податоци кои не можам да ги коментирам бидејќи се дел од истрага и не може со точност да се знае со каков финален епилог и ефект ќе заврши. И при промената на имејл-адресите кај училиштата, бидејќи тие се ставени на еден сервер, кој што е заштитениот сервер на МОН како тоа веднаш адресите на училиштата се нашле кај тие кои ги пријавуваат лажни бомби. Меѓутоа како, тоа единстевно може да го даде истрагата“, рече премиерот.

Тој кажа дека проблемот е поширок и дека може да има претпоставка дека некој не сака Северна Македонија да ја има својата надворешна политика таква каква што ја има, усогласена со Европската Унија и со НАТО.

Од почетокот на второто полугодие, речиси секојдневно училишта но и други институции добиваат дојави за поставени бомби. Денеска мејлови добија 18 училишта во Скопје и едно во Прилеп. За сите се докажа дека се лажни.