fbpx

Ковачевски: Дијалогот да продолжи, предлозите на опозицијата на лидерската средба беа прифатени

Премиерот најави дека иницијативата за уставни измени ќе биде разгледана на наредните седници на Владата и веднаш потоа ќе биде испратена до Собранието, со што ќе почне процедурата за носење на уставните измени

-

Дијалогот треба да продолжи, предлозите на опозицијата на лидерската средба беа прифатени, порача премиерот Димитар Ковачевски во синоќешното гостување на емисијата „360 степени“ на Телевизија Алсат.

Во интервјуто Ковачевски зборуваше за исходот од средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и за други актуелни теми во однос на евроинтеграцискиот процес на државата.

Премиерот рече дека со прифаќањето на условот на ВМРО-ДПМНЕ во Владата да не учествува ДУИ, „барањата на опозицијата во текот на целиот изминат период се исполнети“.

Лидерската средба, како што рече Ковачевски, покажала дека има дијаметрално променето мислење на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

„Сите можевме да се увериме дека после средбата во изјава дадена за медиумите која што сите можеа да ја проследат, ВМРО–ДПМНЕ го промени својот став и поддржува уставни измени кои што уставни измени значат вклучување на други народи во Преамбулата на нашиот Устав, вклучително и на делови од бугарскиот народ. И тоа е промена на позицијата која што ВМРО–ДПМНЕ ја имаше“, изјави премиерот Ковачевски.

Ковачевски нагласи дека уставните измени се дел и се предвидени со преговарачката рамка и додаде оти не постои друг услов што може да произлезе од преговорите со ЕУ.

Премиерот најави дека иницијативата за уставни измени ќе биде разгледана на наредните седници на Владата и веднаш потоа ќе биде испратена до Собранието и до претседателот на Собранието, со што ќе почне процедурата за носење на уставните измени.

„Јас се надевам и сум убеден дека пратениците во Собранието на Северна Македонија без разлика од која политичка партија доаѓаат, без разлика дали се од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса итн. дека лично пратениците нема да дозволат таа грешка да се повтори, бидејќи сега е моментот кога има отворен прозорец за влез во ЕУ“, порача премиерот Ковачевски во интервјуто за „360 степени“.

Претседателот на Владата додаде и дека овој период не е за борба за власт, туку период кога треба да се донесат „вистинските одлуки за подобар живот на граѓаните“.

„Гледајќи го дискурсот којшто го имаше ВМРО–ДПМНЕ сфатив дека тие сакаат да бидат дел од власта, дел од процесот и сметам дека треба да се понуди едно широко обединување на македонската политичка сцена бидејќи овој процес на евроинтеграции е широк, општествен процес, на целото општество, за сите граѓани. И затоа понудив ВМРО–ДПМНЕ да биде дел од Владата, прво да го отвориме Уставот со 2/3 сите заедно, ВМРО–ДПМНЕ да влезе во Владата и тоа 50% од министерските места кои што ги има СДСМ да ги отстапи на ВМРО – ДПМНЕ, сметаме дека тоа е најфер, братски, пола – пола, за да може да види народот дека се работи за искрена намера бидејќи јас сум кажал многу пати, ова не е борба за власт, ова не е борба за политички поени, ова не е борба за рејтинг до избори, туку ова е практично, работа за носење на одлука која што ќе овозможи Северна Македонија да го продолжи својот европски пат и до 2030 година да станеме земја членка на ЕУ“, порача Ковачевски.

По одржаната седница на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ кои вчера заседаваа за начинот и формата со кои понатаму ќе продолжат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, од владејачката партија рекоа дека е донесена одлука за формирање на работна група за продолжување на разговорите со најголемата опозициска, но и сите парламентарни политички партии за уставните измени.

Работната група ќе биде предводена од генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски.

„Изборот пред сите политички партии е: интеграција во ЕУ или изолација. Пред државата е историска шанса за продолжување на европскиот пат и воспоставениот дијалог може да придонесе кон носење одлуки за европската иднината на земјата и доброто на сите граѓани“, се вели во партиското соопштение на СДСМ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, на вчерашната партиска трибина во Охрид рече дека неговата партија нема да поддржи уставни измени „без европска интеграција и заштитен идентитет“.

„И затоа на маса ставив две понуди. Првата е формирање на преодна влада на сите партии, без ДУИ во нејзе. Влада под наши услови без криминализираниот дел од сегашната гарнитура кога ќе треба да донесе измени на Уставот со одложено дејство кои ќе стапат на сила со членството на Македонија во ЕУ. Втората понуда е избори сега, обезбедување на гаранции од европски институции за заштита на националните и државни интереси како и економски пакет за подобар живот во државата по повеќе основи, па потоа носење на измени на уставот со обврска опозицијата да го поддржува процесот како би се гарантирало националното единство кога е во прашање гарантирање заштитата на државните и национални интереси“, рече Мицкоски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...