Андреј Ковачев, европратеник од ГЕРБ/ЕНП | Фото: Негова Фејсбук страница

Бугарскиот европратеник од ГЕРБ, Андреј Ковачев, вели дека се двоумел кој е поголем бугарофоб, сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски или неговиот претходник Никола Груевски (инаку осуден на повеќегодишна затворска казна во земјава н.з.), пренесува БГНЕС.

„Додека Зоран Заев, Стево Пендаровски и Никола Димитров ги посетуваат главните градови во Европа, жалејќи се на Бугарија, Христијан Мицкоски директно се залага за поништување на Договорот за добрососедство. Вистината е дека тој, а и неговиот претходник Никола Груевски, секогаш биле против дури и за самото негово потпишување. Долго време имав некоја дилема кој од двајцата е поголем бугарофоб, но веќе одамна знам дека во тој натпревар има јасен победник и тоа не е бегалецот во Будимпешта“, напиша европратеникот Андреј Ковачев на својата Фејсбук-страница, коментирајќи го интервјуто на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за новиот број на неделникот „Фокус“ под наслов „Договорот со Бугарија треба еднострано да го напуштиме”.

Ковачев, кој во Бугарија се смета за еден од познавачите на „македонското прашање“, за Мицкоски вели дека за разлика од многу други политичари во земјава, „коишто едно зборуваат во четири очи, друго пред медиумите, е многу јасен, точен, прецизен, искрен и доследен… во својата омраза кон сè бугарско“.

Ковачев додава дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е „вистински шампион по антибугаризам“.

Тој на Мицкоски му порача дека и покрај неговата антибугарска омраза, вклучувајќи ги и лагите и озборувањата, неисполнувањето на Договорот за добрососедство ќе биде полоша алтернатива за Македонија, отколку за Бугарија и за ЕУ.