fbpx

Котевски: Нема индиции за поврзаност на експлозиите во Скопје и во Куманово

-

Полицијата засега нема индиции за евентуална поврзаност на експлозијата на бомба што ноќеска одекна во близина на зградата на СВР Скопје и детонацијата на експлозивната направа што се случи на 11 јули во центарот на Куманово, велат за „Мета“ од Министерството за внатрешно работи (МВР), одговарајќи на прашањето дали има сомневања дека станува збор за одмазднички напади поради акцијата во кумановско Диво Насеље, на кои предупреди МВР во инструктивна телеграма испратена од раководните лица во МВР, пред два месеци.

– Немаме индиции за евентуална поврзаност на експлозиите. Се разликуваат и локациите, но сè додека не ги расчистиме случаите, не можеме со сигурност да кажеме – вели за „Мета“ помошникот-министер за односи со јавноста на МВР, Иво Котевски.

Според официјалните полициски информации, експлозијата во непосредна близина на СВР Скопје се случила десетина минути по полноќ, по што вработените во Центарот за известување и команда веднаш ги алармирале надлежните служби. Од експлозијата на бомбата нема повредени лица, а оштетени се три прозорски стакла од зградата на СВР Скопје, како и неколку возила што биле паркирани на паркиралиштето.

„На местото на настанот излезено е од полициски службеници од СВР Скопје, како и од полициски службеници од одделот за антитероризам. Извршен е увид и подигнат е предметен материјал, кој е предаден за вештачење“, стои во информацијата на МВР за настанот.

Експлозијата во Куманово, пак, се случи на 11 јули во 4.30 часот, кај тунел кој ги поврзува градскиот плоштад со паркиралиште со кое стопанисува приватна фирма.

Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, тогаш најави темелна истрага за случајот, за кој засега нема осомничени лица и не е пронајден сторителот.

Пред два месеци МВР информира дека има оперативни сознанија дека одредни поддржувачи на терористичката група што беше ликвидирана во Куманово, имаат планови за киднапирање функционери на Министерството за внатрешни работи и за напади на витални државни институции, за што беше испратена инструктивна телеграма до раководните лица во полицијата за зголемување на мерките за безбедност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Од четврток ќе сообраќаат автобуските линии „100“ и „200“ за полесен пристап до Саемот на книгата

Од четврток, во редовниот линиски превоз на ЈСП Скопје ќе бидат вклучени линиите „100“ и „200“ со кои ќе се овозможи полесен пристап на посетителите до Меѓународниот саем на...