Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски предупреди дека за еден месец истекува рокот којшто Уставниот суд му го даде на Собранието за да направи измени во Законот за електронските комуникации, во врска со трите члена кои опфаќаат задржување на „метаподатоци“ кај операторите.
„За еден месец истекува рокот што му го одредивме за Законот за електронски комуникации. Станува збор за употребата и пристапот на т.н. мета-податоци. Мета-податоци се оние податоци кои секој од операторите е должен да ги чува дванаесет месеци. За секој еден граѓанин. Тоа се податоци за потребите на безбедноста на државата, за докази во евентуална кривична постапка. На пример, метаподаток е дека денес сум се јавил пет пати на тебе, во моментот сум во Бугарија и во Грција.“
Костадиновски апелираше дека доколку Собранието не ги донесе измените, постои опасност по безбедноста на државата да нема надлежност да собира од граѓаните мета-податоци, кои се клучни во откривање на евентуални кривични дела.
Беше посочено дека ова се многу важни податоци од кои можат да се извлечат многу заклучоци со кого се комуницира, со која земја, дали се комуницира со странски државјани, и сите овие се многу важни информации.
„Не случајно кога ја донесовме одлуката јас кажав на новинарите, му одредуваме на Собранието шест месеци затоа што, како што вели спикерот Гаши „не примал наредби“, во ред, ама ние за еден месец ќе ја донесеме одлуката. Во тој момент нашите безбедносни служби ќе бидат лишени од метаподатоците.“, нагласи Костадиновски.
Доколку се случи некој терористички чин тогаш Уставниот суд нема да ја сноси одговорноста, последиците ќе бидат снесени од органот кој не постапил по постапките на законот. Ова правило важи и за Кривичниот законик.
Во врска со овој предмет Уставниот суд информира дека на 14 октомври го испрати Решението со кое поведе постапка за спорните членови од Законот за електронски комуникации, во коешто во 3. Точка од диспозитивот е определен рок од 6 месеци на Собранието за да направи измени и дополнување на законот.