Пратеникот од СДСМ и коалицијата, Костадин Костадинов, на прес-конференција во Собранието, откако пратениците вторпат го ратификуваа Договорот со Грција, порача дека станува збор за патриотски чин и договор што го обезбедува и зајакнува македонскиот идентитет, носи членство на Македонија во ЕУ и НАТО и ја обезбедува македонската иднина.
Тој рече дека претседателот Ѓорге Иванов е должен да го потпише, бидејќи и вторпат мнозинството пратеници гласаа „за“.
– Македонски народ, македонско оро, Македонец, Македонка… се обезбедени еднаш засекогаш. Конечно ќе станеме дел од европските и светски демократии, кои гарантираат напредок, просперитет, стабилност и безбедност. Бидејќи Законот за ратификација на овој Договор Собранието денеска го изгласа по втор пат со големо мнозинство, Ѓорге Иванов е должен, повторувам, е должен да го потпише – порача Костадинов.
Пратеникот нагласи дека ако постапи спротивно, претседателот на државата ќе направи кривично дело и ќе излезе надвор од неговите надлежности, а директно ќе се вмеша во законодавната власт, односно, Собранието.