Кризата предизвикана од глобалната пандемија со корона вирусот предизвика големи промени во начинот на живеење на луѓето. Од динамична рутина, полна со активности и многу обврски, сега луѓето се принудени да останат дома сами, да излегуваат само за итни случаи, додека другите работи како училишните активности и работата да ги управуваат од дома. Ваквата драстична промена, која се случи ненадејно и брзо, несомнено предизвика психолошки проблеми кај некои луѓе, пишува „Порталб.мк“.

И додека сите се соочуваат со предизвикот од корона вирусот, компанијата „Формон“ која е дел од Центарот за иновации Косово (Innovation Centre Kosovo) го искористи овој период за дизајнирање на 3Д респиратори, истовремено подготвувајќи проекти кои ќе обезбедат решенија за полесно справување со кризата.

Преку натпревар организиран и управуван целосно преку Интернет во рамките на проектот „Хакирај ја кризата Косово“ (”Hack the Crisis Kosova”) се собра ИКТ-секторот, професионалци од различни области, студенти, приватни компании, институции и граѓани, со цел да се најдат и дизајнираат дигитални решенија за предизвиците предизвикани од пандемијата Ковид-19.

Шпенд Лила од оваа компанија изјави за „Порталб.мк“ дека инспирација им биле сличните иницијативи во Естонија, Финска и Шведска. Тој рече дека ”Hack the Crisis Kosova” е заедница на волонтери кои се занимаваат со обезбедување човечки, професионални и финансиски ресурси во корист на општеството, со цел граѓанинот, семејството, бизнисот и државата полесно да се справат со предизвиците предизвикани од вирусот корона.

– Натпреварот се организира и се одржа целосно онлајн од 2 до 5 април. На натпреварот постојано беа вклучени 400 лица, 60 ментори, 50 организации, бизниси и партнерски институции. 70 натпреварувачи учествуваа на натпреварот и се реализираа 38 проекти во различни категории – изјави Шпенд Лила од оваа компанија.

Тој истакна дека во наредните недели ќе започнат со работа на проекти селектирани на овој натпревар, а кои се од различни области.

– Во наредните недели ќе се обидеме, со помош на партнерите и деловната заедница, да ги придвижиме победничките проекти (5), во правец на имплементација и нивно лансирање во блиска иднина. Победничките проекти се состојат од: системи за управување со карантин, “crowdfunding” (групно финансирање) за управување со барања за помош од различни сектори, услуги за „испорака“ и он-лајн едукација –  објасни Лила.

Во меѓувреме, „Формон 3Д“, што е дел од оваа компанија, веќе дизајнираше 3Д респиратор, кој е во фаза на техничко тестирање.

– „Формон“ е компанија која е дел од заедницата на Центарот за иновации Косово, кои неодамна дипломираа од инкубаторот на ЦИК. Компанијата се занимава со производство на 3Д принтери „Формон Кор“ (“Formon Core”), и согледувајќи ја состојбата создадена од пандемијата, а особено недостатокот на респиратори, одлучи да го дизајнира и да го тестира вентилаторот за дишење. Во моментот, тимот успеа да создаде 10 прототипови, кои сега се во фаза на техничко тестирање. Во наредните денови, вентилаторот ќе биде предаден на здравствените власти, од каде се очекува да добие согласност за почеток на сериско производство. Компанијата има производствен капацитет од 50-100 единици на ден, од моментот кога прототипот ќе биде одобрен од одговорните институции – објасни Лила.