Ноќеска околу 3 часот по полноќ била фрлена рачна бомба во дворот од новата спортска сала во Зубин Поток на северот на Косово, потврдиле за балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“ од косовската полиција. Како што информирале оттаму, во експлозијата на бомбата нема жртви и повредени лица, а било оштетено едно приватно возило.

Во новата сала во Зубин Поток беше најавено обраќањето на српскиот премиер Александар Вучиќ, кој денеска е во посета на Северно Косово. Неговата посета ја обезбедува полицијата на Косово.

Заменикот на регионалниот директор на косовската полиција, Бесим Хоти за балканскиот сервис на „РСЕ“ изјавил дека нивото на безбедност е подигнато на највисоко ниво и посетата на Вучиќ продолжува според предвидената агенда.

Вучиќ посетата ја почна во Лепосавиќ, каде ги посетил погоните на „Трепча“, а во текот на денот, како што е предвидено, ќе ја посети Бањска, Здравствениот центар во Северна Митровица и општината Зубин Поток.