Косовски државјанин доби кривична пријава откако на граничниот премин Блаце се обидел да избега и со автомобил го влечел цариникот што правел контрола при што тој се здобил со лесни телесни повреди. Како што информираат од Царинската управа, Р.Е. е лишен од слобода, бидејќи сакајќи да избегне царинска контрола, насилно и противзаконски ја преминал границата со автомобил во кој криумчарел дрога.
„На 15 јули, во вечерните часови, царинските службеници на граничниот премин Блаце го застанаа за царинска контрола сега приведениот Р.Е. Контролата е извршена од двајца царински службеници, при што лицето е повикано да го отвори багажникот на возилото за проверка. Во моментот кога осомничениот увидел дека еден од царинските службеници ја забележал кесата под совозачкото седиште и посегнал да ја провери, влегол во возилото и насилно ја преминал граничната линија, повлекувајќи го царинскиот службеник кој се обидел да го сопре“, информираат од Царина.
Повикана била граничната полиција, која заедно со царинскиот службеник, по десетминутна потера го открила бегалецот и тој бил уапсен. Во текот на бегството, осомничениот, ја фрлил кесата со дрога која е пронајдена во близина на местото на приведувањето.
„По налог на јавен обвинител, дрогата е дадена на вештачење, при што е утврдено дека станува збор за опојна дрога марихуана со тежина од еден килограм. Кај осомничениот е пронајдено и ладно оружје“; велат од Царина.
