Претседавачот на Комитетот за меѓународни односи при Советот на Руската Федерација, Константин Косачев, оцени дека тоа што Македонија го потпиша пристапниот протокол за НАТО претставува можеби симболичен чин, но е важен за Алијансата, имајќи го предвид растечкиот судир помеѓу Алијансата и Москва.

-Ова е повеќе симболичен отколку практичен чекор, бидејќи станува збор за мала земја која нема никаква важност за НАТО. Но, ова, сепак, е важно за Алијансата имајќи го предвид судирот со Русија, која постојано укажува на деструктивната улога на НАТО како остаток од Студената војна – вели Косачев.

Според него, целиот случај околу Македонија покажува дека е оправдано руското незадоволство во врска со Алијансата. Укажува и дека критиката на американскиот претседател Доналд Трамп на сметка на НАТО, овде одиграла клучна улога.

-Тоа несомнено ги алармирало официјалните лица на Алијансата во Брисел кои сега чинат се’ да му покажат на Вашингтон дека НАТО стои добро и дека се шири – вели Косачев.

Рускиот сенатор верува дека пристапувањето во НАТО нема да и донесе добро ниту на Македонија, ниту на европската безбедност.