Премиерот Христијан Мицкоски денес на прес-конференција со еврокомесарката Марта Кос на исто рамниште со идентитетот ги стави и историските прашања, проширувајќи ги темите за спор помеѓу Македонија и Бугарија, иако амандманите за историската комисија останаа неизгласани во ЕП.

Прес конференцијата Кос ја започна со сочуство за трагедијата во Кочани.

„Сакам да им упатам сочувство до семејствата и до блиските на жртвите и на повредените. Ваквите трагедии како Кочани не потсетуваат што е најважно во животот, а тоа е семејството, пријателите, заедницата, односно луѓето коишто помагаат, односно тоа е солидарност на дело и солидарност од ЕУ кон нашите земји-кандидатки.“ истакна Кос за почетокот на конференцијата.

Додека Кос уверуваше дека идентитетот е нешто што го носиме во себе, Мицкоски се повика на лошото искуство, со што го прошири идентитетското прашање од нацијата и јазикот на дилемата.

„Членството во ЕУ е најдобриот начин како да се заштитат културата, идентитетот и јазикот“, порача Кос нагласувајќи дека зборува од сопствено искуство бидејќи и Словенија во 2004 година се соочувала со вакви дилеми, но сега словенскиот е еден од 24-те официјални јазици на ЕУ.

„Идентитетот никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување. Ние идентитетот го носиме во нас, во нашите души, во нашите срца. Идентитет е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина, нашата традиција, како на  пример, манастирите, погачата, тавчето гравче, пинџурот, полнетите пиперки, како ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите и каков однос имаме кон македонскиот јазик. Никој не може да ви го одземе ова на вас Македонците“, порача Кос.

Премиерот Мицкоски на изјавата на Кос реплицираше целосно, иако имаше едно големо „Но“. „Така е, идентитетот го носиме длабоко во нас, но изминатите три децении изгубивме голем дел од него менувајќи името, знамето и Уставот. Без гаранции дека ќе ова биде последна идентитетска промена, јас би бил повнимателен. Јас се водам од девизата „не ги слушај што зборуваат, туку што прават“, а тоа што го прават не е според европските вредности. За мене како Македонец идентитет се и Гоце Делчев, Кузман Шапкарев, Даме Груев, Миладиновци, Јане Сандански, Илинденското востание  и така натаму. Не знам дали ќе го споделат истото мислење луѓето од исток“, порача Мицкоски без да го спомне името на Бугарија.

Според него она што го направија и што го прават се уште во Европскиот парламент нема врска со европските вредности  и  очекува секаков инжињеринг околу верзијата на извештајот што сега е актуелна таму, така што ништо не би го изненадило, во смисла извештајот да заврши со описот „модерен македонски јазик“. Тој додаде дека Македонија останува цврсто на европскиот пат, но нема да прифати уцени под превезот на интеграциите.

Според Мицкоски нашата држава чекори со отворено срце и разум, но народот се противел на уцените кои не се дел од европските вредности. Премиерот изјави дека Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството.

Марта Кос пак најави дека наскоро ќе дојде во билатерална посета на Македонија и дека тогаш ќе ги посети повредените во Кочани. Таа го нарече Мицкоски добар домаќин и повика како држава да ја искористиме оваа можност , бидејќи има вистинска заложба во ЕУ за прием на нови членки.

„Наша политичка цел е да ги отвориме преговорите со Македонија по кластери веднаш кога ќе ги задоволи релевантните критериуми, односно ги усвои уставните измени“, рече Кос потенцирајќи дека многу е важно да се изградат и конструктивни односи со соседна Бугарија.

На прашањето има ли гаранции дека Бугарија нема да отвора нови билатерални прашања и дали верува во тоа што го зборува бугарскиот премиер Росен Жељасков, Кос рече дека за Европската комисија ситуацијата е многу јасна и дека доколку Македонија ги исполни заложбите и го смени Уставот ЕУ веднаш ќе започне меѓувладината конференција без дополнителни условувања.

Кос му честиташе на Мицкоски за договорот со Бугарија да работат на Коридорот 8, уверувајќи дека тој е важен не само за нас туку и за целиот регион и за ЕУ, која изработила нова стратегија за поврзување на Европа со Црноморскиот регион во која Македонија има централно место.

Кос посочи дека Македонија може многу да постигне. Според нејзе клучно е лидерите да го водат политички процесот, објаснувајќи ги предностите од реформите во рамките на Планот за раст за Западен Балкан. Притоа најави дека од први јануари 2026 година, ако има реформи, земјите од Западен Балкан ќе имаат можност за бесплатен роаминг со Европската Унија, откако во јули 2021 беше укинат роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, односно помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Таа нагласи дека Планот за раст носи опипливи социо-економски поволности за граѓаните и дека наша одговорност е да ги имплементираме реформите за нивна добробит.

Претходно, на самитот ЕУ-Западен Балкан посветен на Планот за раст ж, Кос посочи дека реформите кои земјите од овој регион треба да ги направат не се едноставни, но користа ќе биде голема за граѓаните.

„Можам да се разнежнам кога зборувам за Западен Балкан, затоа што регионот ми е драг и сакам да помогнам најмногу што можам за да преминете преку целта. Клучните реформи што ги бараме од вас не се едноставни. Тие задираат закоравени структури на моќ и интереси и бараат длабока општествена трансформација. Потребо е вие лидерите да ја водите оваа промена. Користа е многукратна, ќе донесе стабилност, безбедност и просперитет за сите ваши граѓани.“ рече Кос.