Корупцијата во образовниот систем ги саботира шансите за позитивен исчекор

Наставниците и учениците мора да ја знаат важноста на интегритетот и да бидат доволно оспособени и информирани, за да се спротивстават на коруптивните практики, рече вицепремиерката Славица Грковска на денешната тркалезна маса „Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“

Фото: Министерство за образование и наука

Создавањето на образовен систем без корупција ќе обезбеди еднакви можности за сите ученици и студенти и ќе води кон подобри услови за раст и развој на државата и нејзиниот човечки потенцијал, рече вицепремиерката Славица Грковска на денешната тркалезна маса „Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“ која се одржа со поддршка на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал и германската амбасада во Скопје.

Таа посочи дека корупцијата во самиот образовен систем е проблем кој ги саботира шансите за позитивен исчекор и затоа и наставниците и учениците мора да ја знаат важноста на интегритетот и да бидат доволно оспособени и информирани, за да се спротивстават на коруптивните практики и да понудат свеж и необременет пристап во борбата против корупцијата.

„Создавањето образовен систем без корупција, кој ќе обезбеди еднакви можности за сите ученици и студенти е единствениот систем кој може да води до понатамошна поширока промена во општеството. Коруптивниот светоглед не смее да биде дел од просторот каде што се обликуваат младите мозоци, ако сакаме образованието да ја има просветителската улога и да води напред, кон подобри меѓучовечки односи во општеството, подобри пракси на управување и конечно, до подобри услови за раст и развој на нашата држава и нејзиниот човечки потенцијал“,  рече Грковска.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, истакна дека образованието е клучното средство за борба против корупцијата. Тој нагласи дека децата треба да се обучуваат со ставови за нетолерантност кон корупцијата во најрана возраст, за да можат успешно да се спротивставуваат на коруптивни практики.

Шаќири нагласи дека темите за антикорупција се најзастапени во предметот граѓанско образование, но обработка на феноменот корупција е можно да се вклучи и во други предмети.

Министерот најави дека повеќе меѓународни партнери се вклучени во борбата против корупцијата во образованието и дека се предлагаат нови чекори за јакнење на антикорупциското образование.

„Убеден сум дека предложените следни чекори во јакнењето на антикорупциското образование, што ќе произлезат од оваа тркалезна маса, ќе можеме заеднички да ги преточиме во пракса, бидејќи тоа е од највисок интерес за сите нас“, потенцираше Шаќири.