Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Се чини дека дезинформациите за време на пандемиската криза на коронавирус не престануваат. Притоа, за нештата да бидат уште полоши, се чини дека медиумите не се многу обучени и способни да го запрат ваквото ширењето лажни вести и покрај сериозното обраќање од страна на повеќе експерти и институции за оваа проблематика во последните неколку години.

Последниве неколку месеци, од ерупцијата на корона вирусот кој стана пандемија и одзеде илјадници животи низ светот, креаторите на лажни вести ја искористија ситуацијата со забележителен успех за нив.

Но, најголем проблем со написите што содржат лажни вести се чини дека е фактот што случајни медиуми постојано придонесуваат за нивно ширење. За да го разбереме ова, треба подобро да ги процениме механизмите зад страниците за вести или порталите кои стануваат главна алатка во ланецот на ширење лажни вести.

Во принцип, медиумите што користат само веб-страници за да ги споделат своите новости се посклони да станат главна дистрибутивна алатка за лажни информации. Ова исто така ќе го анализираме темелно во друг напис. За тоа придонесуваат многу фактори, но со сигурност можеме да кажеме дека недостигот на потребни ресурси за нормално функционирање, немањето средства и брзањето да се соберат кликови се некои од предусловите.

За да илустрираме како порталите помагаат во ширењето на дезинформациите, ќе земеме за пример еден од најновите текстови што кружи во медиумите во регионот, вклучително и во Северна Македонија и Косово за време на кризата со Ковид-19. Секако, тоа не значи дека сите медиуми што користат онлајн алатки придонесуваат на ист начин во ширењето на дезинформациите, но не е потребно многу за да се направат големи штети.

Во понеделникот попладне минатата недела, на веб-страниците на некои од главните онлајн медиуми на Косово се појави напис во кој се вели дека Чарлс Либер, истакнат професор на Харвард, е уапсен од властите на САД бидејќи бил поврзан со кинеска лабораторија во Универзитетот за технологија во Вухан.

„Соединетите Американски Држави тукушто го идентификуваа лицето што го направи коронавирусот и ѝ го продаде на Кина“, се вели во првиот ред на написот што беше споделен на еден портал од Приштина. Написот беше објавен точно во 14.21 во понеделник, 6 април. Во петокот наутро написот беше избришан.

Приближно еден час по објавувањето во понеделникот, истиот напис со ист текст, наслов и главна слика се појави на најголемата страница за вести во Косово. Девет минути подоцна, истиот текст, наслов и слика ги сподели веб-страницата на косовскиот јавен радиодифузер (rtklive.com). Овие статии сè уште се достапни на Интернет и лесно можат да се најдат.

Понатаму, написот од четири параграфи вели дека федералните агенти биле видени во домот на Либер во неделата наутро и дека професорот бил обвинет дека примал 15.000 долари месечно од Кина и дополнителни 1.5 милиони долари за истражувањето направено за кинеската лабораторија.

Едноставно пребарување на интернет откри дека овој напис за прв пат бил споделен на други јазици во други земји и дека очигледно косовските медиуми само го превеле и реобјавиле, без да направат проверка на Гугл за да видат дали елементите на публикацијата се близу вистината. Веста беше споделена и со мали измени од страна на некои новински страници во Северна Македонија истиот ден, на 6 април.

Снопс, интернет страница за проверка на факти во САД објави анализа поврзана со лажни вести и теории на заговор за случајот на Чарлс Либер неколку месеци пред косовските медиуми.

Еден напис од 18 февруари 2020 година, напишан од Ден Евон за Снопс, ја дебанкира приказната и објаснува дека „апсењето на Либер немало никаква врска со коронавирусот и дека не постои доказ за тоа дека вирусот бил создаден или произведен од некој во Кина или на кое било друго место“.

Всушност, Либер бил уапсен во јануари 2020 година за погрешно наведување на властите за парите што, наводно, ги добил од универзитетот во Вухан и се поврзани со неговите врски со програмата за регрутирање финансирана од кинеската влада.

Ова е дело на лажни вести во најкласична форма. Беше земен вистински напис (апсењето на Либер), фактите беа сменети за да се поврзат со некоја друга загрижувачка состојба која би резонирала со неинформиран читател (во случајов со вирусот КОВИД-19), потоа брзо се создава теорија на заговор и лажните написи измамуваат многу луѓе насекаде во светот.

Ариан Љумези