Короната го запре уништувањето на винил хлоридот од ОХИС

Коронавирусот го одложи преточувањето и транспортот на опасниот и високозапалив винил хлорид, кој сè уште се наоѓа во дворот на некогашниот хемиски гигант ОХИС. Мерките за спречување на ширењето на вирусот Ковид 19, кои ги презема нашата, но и повеќе европски држави, освен на винил хлоридот, го одложија и последниот транспорт на остатокот од другите десет опасни хемикалии кои требаше да бидат транспортирани во Валорек Сервисис инсценераторот во Базел, Швајцарија каде што на безбеден начин ќе бидат уништени.

Градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, вели дека транспортот е привремено запрен и дека ќе продолжи веднаш штом за тоа се создадат услови. Досега се транспортирани речиси 64 тони опасни хемикалии во кои има метанол, акрилонитрил мономер, но и непознати хемикалии. На 15 март требаше да се реализира и последната пратка за Швајцарија со остатокот од околу десетина тони токсични хемикалии.

Се работи за 4,6 тони иницијатори и 5,2 тони непознати хемикалии кои веќе се спакувани во специјални АДР буриња и се чуваат во магацините на ОХИС подготвени за транспорт со обезбедени дозволи. Извозот е одложен на неопределено време и ќе почека прекин на ограничувањата воведени заради коронавирусот. Во меѓувреме постојано сме во комуникација со стечајниот управник на ОХИС, Маринко Саздовски и компанијата Екоцентар 97, која е задолжена за безбеден третман на опасните материи“, вели Темелковски.

За опасната хемикалија винил хлорид мономер, Екоцентар 97 веќе има потпишано договор за третирање во инсценератор во Германија. Преточувањето пред транспортот ќе го врши фирмата Куриум од Франција, специјализирана за третман на ваков вид опасен отпад. Инженери од Франција и Италија на почетокот од месецов требаше да го посетат ОХИС и да дадат конечна дозвола за опремата и за безбедниот транспорт, но беа спречени заради актуелните мерки.

„Компанијата Куриум има долгогодишно искуство со третман и преточување на опасни хемикалии и има решение за препакување на винил холоридот мономер. Во координација со нив нарачани се и посебни садови под притисок специјализирани за опасен отпад и соодветни за меѓународен транспорт. Преточувањето на винил хлоридот се планираше за почетокот на месецов, а требаше да биде дислоциран до средината на март. Веќе имаме поднесено нотификација за прекугранично пренесување на опасен отпад и се очекува дозвола од транзитните држави Србија, Хрватска, Словенија и Австрија и од Германија. Сепак, прогласувањето пандемија ги одложи сите активности, кои ќе бидат реализирани веднаш штом се создадат услови“, вели Владо Момировски од Екоцентар 97.

Во април минатата година беа санирани и 81 боца и еден контејнер под притисок со хлор. Тие беа испратени во специјализирана компанија во Србија каде што била извршена санација на оштетените вентили, а хлорот извлечен од садовите со процес на дегазација и соодветно третиран. Садовите беа исчистени од хлор и вратени во ОХИС.

Складиштата и дворот на некогашниот гигант од хемиската индустрија е една од еколошките жешки точки со огромни количини историски отпад. Во него освен овие, ред за отстранување чекаат и линданот, живата и други опасни хемикалии кои кои повеќе од две децении стојат во дотрајани и оштетени садови во некогашната фабрика.

Кои опасни хемикалии се опфатени во рамките на проектот „Отстранување, дислоцирање, уништување или неутрализирање на хемиски материи“ од АД „Охис“ Скопје: 

  • Хлор
  • Винил хлорид мономер
  • Метанол
  • Акрилонитрил
  • Иницијатор Perkadox AIBN
  • Иницијатор Perkadox 16-W 40
  • Иницијатор Peroxan BCC -40W
  • Иницијатор Butyl Hydro Peroxid 70
  • Иницијатор AZDN
  • Иницијатор tert Butyl Hydro Peroxid 80%
  • Хемикалии со непознат состав во дотраени буриња

Досега извезен опасен отпад:

  • 81 боца и еден контејнер под притисок со хлор
  • 16,7 тони опасен отпад од метанол и акрилонитрил мономер на 14 јануари 2020
  • 17 тони отпад од метанол на 27 јануари 2020
  • 16 тони метанол, акрилонитрил и непозната хемикалија на 11 февруари 2020
  • 14 тони опасни непознати хемикалии на 9 март 2020

Останува да се транспортира:

  • 4,6 тони иницијатори
  • 5,2 тони непознати хемикалии
  • 14 тони винил хлорид