Месечните извештаи за квалитетот на воздухот во Скопје на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат намалено присуство на ПМ-2,5, ПМ-10 честичките и азотниот двооксид во текот на март 2020 година, споредено со идентичниот месец лани. Големото намалување на фреквенцијата на возила во главниот град, заедно со забавеното работење на индустријата, доведе до тоа жителите на Скопје годинава да дишат почист воздух.

Прогласувањето на епидемијата на корона вирусот во земјава ги испразни улиците на главниот град, а мерките за спречување на ширење на вирусот беа дополнително засилени со воведувањето на полицискиот час на 22 март. Голем дел од трговските центри и омилените места за движење на граѓаните беа затворени, додека значаен дел од популацијата прекина со работа или започна да работи од дома. Кај јавниот превоз е забележано преполовување на бројот на превезени патници, додека автомобилите останаа паркирани пред домовите на граѓаните.

Податоците покажуваат значајно намалување на ПМ-2,5 честичките во текот на март 2020 година. Просекот за март 2020 година за среднодневните концентрации на суспендирани ПМ-2,5 честички на мерната станица во Центар изнесувале 24,66 микрограми на кубен метар, односно тие се движат во границата на максимално дозволената концентрација на овие честички во воздухот. Наспроти годинава, измерениот просек за идентичниот месец лани изнесувал 36,26 микрограми на кубен метар на идентичната мерна станица во Центар. Прикажано во проценти, присуството на ПМ-2,5 честички во воздухот во центарот на Скопје изминатиов месец годинава било за 32 отсто помало во споредба со истиот месец од 2019 година.

Покрај за присуството на најопасните ПМ честички, за една мерна станица во Скопје го пресметавме и месечниот просек на среднодневните концентрации на ПМ-10 честичките. На мерната станица Ректорат, просекот за март 2020 година изнесувал 53,38 микрограми на кубен метар, или минимално над границата на дозволените 50 микрограми на кубен метар. Наспроти ова, просекот за март 2019 година изнесувал 61,03 микрограми на кубен метар, односно годинава имало намалување на присуството на ПМ-10 честичките за 12,5 отсто на оваа мерна станица.

Податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека речиси идентичен број на денови била надмината 24-часовната вредност на ПМ-10 честички на мерните станици Центар и Карпош во март 2020 и март 2019 година. Сепак, треба да се посочи дека за мерните станици во Лисиче и Гази Баба нема податоци за присуството на овие честички за минатогодишниот март, така што не можат да се споредат податоците со идентичниот месец од оваа година. Затоа пак на мерната станица Ректорат, лани вкупно 20 денови во март била надмината дозволената вредност на ПМ-10 честички во воздухот, додека годинава таа била надмината само 9 денови.

Кај азотниот двооксид не е забележано надминување на граничната вредност на ниту една мерна станица во Скопје за двата споредбени периода. Сепак, податоците за март 2019 година покажуваат дека загадувањето со NO2 во текот на еден ден од март 2019 година ја достигнало дозволената едночасовна гранична вредност од 200 микрограми на кубен метар на мерната станица Ректорат, додека во текот на пет дена таа била околу или над 150 микрограми на кубен метар. Наспроти ова, во екот на корона вирусот во март 2020 година само еден ден бил регистриран азотен двооксид над 150 микрограми на кубен метар на истата мерна станица, а ниту еднаш не била достигната дозволената едночасовна гранична вредност.

Ваквото намалување на загадувањето на воздухот поради празните улици не е регистрирано само во Скопје. Европската агенција за животна средина објави дека забележала намалување на аерозагадувањето и до 50 отсто во некои од главните градови во Европа, меѓу кои и во Мадрид, Лондон и Лисабон.