Порталот за промоција на критичкото мислење „Критинк.мк“ предупредува дека на фејсбук-страницата на порталот „Тинк.мк“ е објавена дезинформација со која се изнесуваат лажни наводи за однесувањето на новиот корона-вирус кои ако се послушаат може да доведат до сериозни здравствени последици и понатамошно ширење на епидемијата на болеста Ковид-19. Наводите се спротивни на стручните информации објавени од Министерството за здравство на Република Северна Македонија и Светската здравствена организација (СЗО).

КриТинк.мк укажува дека на 15 март 2020 г. на фејсбук-страницата „Think.mk“ e објавен пост со слика од провиден лик на човек со џиновски вируси кои му стојат во вратот, со вметнати дезинформации кои го загрозуваат јавното здравје, дополнет со повик „Ве молам споделете ја оваа информација, бидејки можете да спасите некого“.

За жал, не се работи за информација, туку за дезинформација, која не само што нема да спаси никого, туку може да придонесе да настрадаат многу луѓе, кои ќе поверуваат во лагата. Особено ако се земе предвид дека страницата има над 141.000 фанови, кои може да ги применат и пошироко да ги споделат дезинформациите.

До моментот на објавување на овој напис овој пост има над 4.200 споделувања, што го прави исклучително опасен за колективната безбедност. При тоа, администраторите на страницата не одговараат на многубројните добронамерни коментари на корисници на „Фејсбук“, кои укажуваат дека се работи за лажна вест, како овој што ја истакнува суштината на злоупотребата на медиумскиот простор.

Така, еден корисник им има напишано: „Не смеете да постирате вакви лажни информации и упатства. Има луѓе кои место да побараат лекарска помош, ќе изгубат скапоцено време со овие глупости и цената ќе ја платат со живот.“

Дезинформацијата објавена од Think.mk веќе неколку дена се шири по интернет во слична форма, користејќи ја истата слика со текст на англиски јазик. За неа на 14 март пишуваше и американската веб-страница за проверка на факти Snopes.com, oзначувајќи ја како лажна.

Споредбата на информациите од СЗО со објавата доведува до заклучок дека оваа објава од Think.mk ги исполнува критериумите од предупредувањето за кривична одговорност за ширење лажни вести издадено од страна на МВР.

Снимка на објава со неточни тврдења за корона-вирусот од Фејсбук-страницата Think.mk.

Така, текстот на сликата ги изнесува следните лажни тврдења:

Лажно тврдење 1: „Корона вирусот, пред да стаса во плуќата, тој се населува во грлото и таму останува 4 дена.“

Нема научни докази дека вирусот поминува четири дена во грлото пред да се прошири низ телото и да ги нападне белите дробови.

Самата идеја дека еден вирус патува низ телото и одбира да престојува одредено време во еден орган за потоа да реши да се пресели во друг и таму да направи штета покажува целосно непознавање на начинот на функционирање на вирусите. При инфекција, не се работи за една индивидуа или група организми што мигрираат низ органите со некаква намера и временска агенда, како што тоа го прават луѓето кога патуваат од земја во земја.

Кога вирус ќе инфицира клетка, ја присилува да направи негови копии, кои потоа се пренесуваат кон другите клетки. Степенот на размножување на вируси зависи од низа услови што влијаат на брзината што досега не е прецизно одредена за болеста Ковид-19 (coronavirus disease COVID-19). Притоа, новите генерации вируси, потомци на првобитниот организам, минуваат од клетка на клетка или меѓу клетките ги носат телесните течности како лимфа, крв итн. Некаква аналогија на „патувањето“ на вирусите од клетка до клетка може да се направи со преносот на пораки за е-пошта, при што на серверите-посредници се прават копии од првобитната порака.

Лажно тврдење 2: „За ова време лицето што е заразено има болки и почнува да кашла.“

Според информациите објавени на посебната страница „Корона-вирус“ од Министерството за здравство на РСМ, сувата кашлица заедно со високата температура и тешкото дишење се смета за еден од симптомите на инфекција со новиот корона-вирусот чие научно име е SARS-CoV-2 (претходно се водеше како 2019-nCoV).

Притоа, не е наведено кога точно почнува или кога завршува кашлањето, ниту, пак, дека кашлањето има врска со спорниот „привремен“ престој на вирусот во грлото.

Од друга страна, кај некои од пациентите заразени со овој нов корона-вирус кашлицата не е многу изразена или (како и другите симптоми) може воопшто да не биде присутна во периодот на инкубација, кој во просек се проценува на околу 5 дена, но се забележани и случаи кога траел и до 11 дена (според научниот труд објавен на 10 март во Аналите на интерната медицина). Затоа, периодот на самоизолација во текот на кој лице, кое можеби било изложено, се чека да покаже симптоми, е одреден на 14 дена.

Испитувањата се во тек и научниците сѐ уште немаат направено дефинитивна клиничка слика на развојот на болеста. Но, од она што е познато е јасно дека веќе заразени луѓе од ризичните групи, кои би поверувале на дезинформации од овој тип може да сметаат дека нема потреба да постапат според упатството на здравствените власти за домашна изолација и предоцна да се пријават за преглед.

Лажно тврдење 3: „Ако се пие обилно топла вода и се прави гаргара со вода во која има сол или оцет (вински или јаболков), вирусот ќе се елиминира и ќе се исфрли од телото!“

Светската здравствена организација (СЗО) експлицитно укажува дека ова е штетна лага, односно тврдењата дека вирусот може да се елиминира со гаргара се дел од митовите што се шират низ светот и поради кои уште повеќе луѓе би можеле да се заразат.

„Не постојат докази дека практикувањето гаргара ќе ве заштити од новиот коронавирус. Некои видови течности за гаргара може да елиминираат одредени микроби што се наоѓаат во плунката во рок од неколку минути. Сепак, тоа не значи дека ќе ве заштитат од 2019-nCoV,“ истакнува СЗО во официјално соопштение.

Вирусите се пренесуваат од клетка до клетка, па ако се навлезени во грлото, тие се наоѓаат внатре во клетките на ткивата, а не лебдат како балони во замислениот слободен простор. Додека инфекцијата „се движи“ „надолу“ кон белите дробови, погрешно е да ги замислуваме вирусите и како планинари кои полека се симнуваат по внатрешните ѕидови на грлото, како алпинисти што 4 дена се јазат по карпи. Доколку тие тоа навистина би го правеле, можеби би имало некаква логика идејата дека „испирањето“ со вода или оцет би ги повлекло надвор кон устата да бидат исплукани, или кон желудникот и другиот излез од телото низ системот за варење.

Но, кога се прави гаргара со која било течност, таа течност не тече низ клетките на грлото како низ канализациски цевки, за да може да ги понесе нечистотиите со себе како по пуштање вода во WC.

Нема апсолутно никаков доказ дека солената вода му штети на вирусот. Споменувањето на оцет, кој се добива со ферментација на етил алкохол, во рамките на оваа дезинформација, е компатибилно со друго неточно тврдење, дека пиењето алкохол наводно заштитува од инфекцијата со новиот корона-вирус. За жал, вакви тврдења неодговорно шират и медиуми и политичари, па луѓето што веќе им поверувале се поподложни да ја прифатат и оваа лага.

Приказните за чудесни лекови им одговараат на луѓето што посакуваат да се најде брзо, лесно, едноставно и евтино решение за елиминирање на вирусот без тие самите да вложат напор во разбирањето на ситуацијата. Вистината е дека елиминирањето на преносителите на болести од овој тип е возможно само преку развој на вакцина, што е исклучително долг, тежок, сложен и скап процес, за кој е потребен ангажман на научници, со поддршка од здравствени и државни институции.

***

Веб-порталот Think.mk „друштво за размислување и разонода“, кој е поврзан со оваа фејсбук-страница не е пријавен како член на Регистарот на професионални онлајн-медиуми воспоставен од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).

Според јавно достапните податоци од регистарот на МАРНЕТ (снимка) доменот think.mk е регистриран на име Даниел Краљевски со адреса во градот Патаја во Тајланд и со оставен тајландски телефонски број. На веб-страбицата нема импресум, ни рекламни банери, ниту информации за тоа кој и како ја финансира неговата продукција од десетици написи на ден.