Три дена по повторното воведување на брзиот воз меѓу Скопје и Приштина, косовската компанија ТРАИНКОС вчера го сопре сообраќањето на возот поради случувањата поврзани со вирусот COVID 19, информираат од Железници на РСМ – Транспорт. Прекинувањето на железничката врска меѓу Македонија и Косово е на неопределено време. По подолго време, овој воз почна да сообраќа на 9 март. Станува збор за единствената меѓународна железничка линија што беше активна во нашата земја.

Од Железници на РСМ – Транспорт за „Мета.мк“ велат дека на нивна иницијатива на 12 и 13 март во Истанбул бил закажан состанок во Истанбул за воведување на воз на релацијата Истанбул – Солун – Скопје – Истанбул. На состанокот било потврдено учеството на раководствата на трите железници, но поради случувањата со корона вирусот истиот бил одложен уште на 6 март. Раководствата на Турските железници и на Железници на РСМ – Транспорт кон крајот на ноември минатата година разговараа за можноста за пуштање во сообраќај на туристички возови што би сообраќале помеѓу Скопје и Истанбул.

Во меѓународниот железнички сообраќај претстојното лето повторно ќе сообраќа експресниот воз од Скопје кон Белград и Солун, во периодот од 12 јуни до 20 септември.