Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на вчерашната прес-конференција соопшти дека меѓуопштинскиот превоз на патници е редуциран од 60 до 70 отсто на целата територија на земјава. Меѓународните линии се целосно прекинати врз основа на препораките на Владата, а контролата ја врши Државниот инспекторат за транспорт, се наведува во соопштението на владата.

Како резултат на драстично намалениот број на патници поради состојбата со корона вирусот, автотранспортните претпријатија веќе побараа поддршка од владата. И покрај тоа што ги имаат редуцирано постојните линии меѓу општините, превозниците велат дека трошоците за вработените остануваат исти, а поради тоа бараат субвенционирање на бруто платата, субвенционирање на горивото и одложено плаќање на даноците.

Кризата со корона вирусот автотранспортните претпријатија ги затекна во период на намален интерес за патување со автобуси. Со меѓуградски автобуски превоз лани биле превезени само 5.827.000 патници или за два милиони патници помалку од 2018 година. На меѓународните линии со автобуси во 2019 година биле превезени 644.000 патници. Ако се поаѓа од постојната редукција на линиите во меѓуопштинскиот превоз до 70 отсто, многу е веројатно намалувањето на бројот на патници да продолжи и во првиот квартал од 2020 година.

Покрај во автобускиот превоз, веќе е извесно дека корона вирусот ќе предизвика позначајно намалување на бројот на патници и во железничкиот сообраќај. Бројките од првите кризни денови со корона вирусот посочуваат дека тројно е намалено патувањето со возови на територијата на целата земја. Од Железници на РСМ – Транспорт засега нема најава дека ќе воведе редукција на бројот на возови во актуелниот возен ред, а поради корона вирусот во моментов не сообраќа единствено возот од Скопје кон Приштина.