Принтскрин од конференцијата

Сите вакцинирани треба да бидат обележани или маркирани, постојат потенцијални ризици по нивното здравје и тие се следните телепортирани камикази зомби, учениците ќе бидат контаминирани од нивните вакцинирани наставници и секако „Бил Гејтс“. Ова се само некои од дезинформациите кои ги преплавија социјалните мрежи изминатиов викенд и утрово поврзани со вакцинирањето на населението против ковид-19. Состојбата со корона вирусот е постојана мета на дезинформаторите, кои постојано шират страв и недоверба кај населението, сепак борбата против нив беше паралелна и постојана од страна на факт-чекерите, а и од самиот Фејсбук, кој преку факт-чекинг програмата го спречи нивното понатамошно ширење, пишува Порталб.мк.

Ова, меѓу другото, беше речено на сесијата „Заштита на демократијата од дезинформации“, за време на онлајн конференцијата „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“, организирана од Фондацијата „Метаморфозис“ и „ЕвроТинк“, на која учествуваа Софи Ајерс, претставник на Партнерството за интегритет на вестите за Европа во „Фејсбук“, Илија Жупапаноски, советник за дигитални комуникации на премиерот на Владата на Северна Македонија, Владимир Петрески, уредник на „КриТинк” и “Вистиномер” и Елида Зилбеари, уредничка на “КриТинк” и “Порталб”, во својство на модератор.

„Дезинформациите не се однесуваат само на политичките процеси, туку на сите аспекти на животот, почнувајќи од здравјето, за кое се покажа дека е многу важно за време на пандемијата, и каде сè уште кружат невистини против вакцинацијата, како и разни дезинформации кои се штетни за здравјето. Дезинформациите имаат за цел да поттикнат недоверба, конфузија и раскол во едно општество. Со тоа се зголемува недовербата во институциите на земјата, што од друга страна го загрозува нивното нормално функционирање и со тоа и на демократијата во целина. Дезинформациите исто така придонесуваат за создавање политичка апатија кај граѓаните кои се ставаат во несигурна позиција и не знаат што е, а што не е вистина“, рече Зилбеари во воведниот говор.

Софи Ајерс, претставничка на Партнерството за интегритет на вести за Европа, ја објасни факт-чекинг програмата на Фејсбук, односно покажа како Фејсбук се бори против дезинформациите и лажните информации.

„Имаме три столба преку кои се бориме против дезинформациите, односно со отстранување содржини што ги кршат стандардите на ФБ заедницата, намалување на ширењето на проблематична содржина на ФБ и информирање на ФБ заедницата со дополнителен контекст. Имаме соработка со 80 факт-чекинг партнери, во 35 европски земји, на 60 јазици, и сите се сертифицирани од Меѓународната мрежа за факт-чекинг ИФЦН (IFCN)“, рече Ајерс, објаснувајќи го процесот на утврдување на фактите.

Факт-чекинг процесот што го применува ФБ: Фејсбук ги идентификува потенцијалните лажни вести користејќи разни сигнали и факт-чекерите активно ги идентификуваат тие стории; Факт-чекерите ја разгледуваат и проценуваат точноста на сториите; Фејсбук презема акција информирајќи дека веста е лажна и обезбедува контекст на веста

„Мислам дека дефинитивно има многу дезинформации во врска со вакцините и нивната дистрибуција. Работев на неколку публикации што содржат дезинформации, сметам дека е многу важно фактите да се проверат и едноставно ако не можат да го заштитат својот имунитет, луѓето веруваат во нивната дезинформација. На Интернет постојат различни рецепти за лекување на корона, ако испиете некој змиски отров или нешто друго може да се излечите. Има и случаи на дезинформации и во изборни процеси“, рече Ајерс.

Уредникот на „КриТинк“ и „Вистиномер“, Владимир Петрески раскажа за неговата секојдневна работа како факт-чекер и прикажа неколку примери на дезинформации на социјалните мрежи, само во изминатите 2-3 дена, кои се однесуваат на вакцинацијата.

„Сите вакцинирани треба да бидат означени, има потенцијални ризици по нивното здравје и тие се следните телепортирани камикази зомби, учениците ќе бидат контаминирани од нивните вакцинирани наставници, дистрибуирано видео вели дека тоа се протести против држењето маски и против анти-корона мерките, а всушност се работи за музички фестивал. Вакцинираните лица имаат слаб проток на крв како резултат на вакцината и непознат лекар ставал нано-честички во крвта на вакцинираните. Вакцината е знак на ѓаволот, а теориите на заговор никако не можат да поминат без „Бил Гејтс“. Ова се само некои од публикациите викендов и утрово, со кои се соочивме за време на короната. Ова е цунами на дезинформации за состојбата со короната. Чудно е колку лесно политичките дезинформации се трансформираат во дезинформации поврзани со короната. Со појавата на короната и пандемијата, пандемијата едноставно го презеде приматот над политиката“, рече Петрески, додавајќи дека дезинформациите за состојбата со короната имаат многу штетно влијание врз демократијата, бидејќи таа ги напаѓа институциите, шири недоверба и страв.

Како што рече, вклучувањето на Фејсбук во борбата против дезинформациите беше голема промена и го зголеми влијанието на факт-чекерите, а видливи се и промените во медиумите.

„На овој начин имаме моќно оружје во борбата против дезинформациите“, додаде Петрески.

Советникот за дигитални комуникации на премиерот на Владата на Северна Македонија, Илија Жупаноски, истакна дека владата сериозно го следи прашањето на дезинформациите.

„Дезинформациите се постојано присутни, но имавме некои настани со акцент како Преспа, референдумот, НАТО, изборите, пранкот (шегата) со Грета Тумберг и така натаму. За управување со оваа тема, многу е важно да соработувате со социјалните мрежи. За справување со оваа тема многу е важно да има соработка. Ја поздравувам соработката на „Метаморфозис“ со Фејсбук, и ова ни помага да ги провериме информациите. Многу е важно сите да преземат проактивен пристап за да се спротивстават на нападите со дезинформации врз демократијата“, рече Жупаноски.

Панелистите на крајот истакнаа дека за спречување на дезинформации е потребна соработка меѓу сите засегнати, односно социјалните мрежи да помогнат во нивна превенција, владите да ја обезбедат помошта, новинарите да известуваат професионално, да ги едуцираат младите и постарите лица, кои се корисници на социјалните мрежи за тоа како да ги препознаат дезинформациите, да продолжат со проверка на фактите, но и медиумското образование да се интегрира во наставните програми.