Фото: принтскрин од настанот на СЕММ и ОБСЕ

Медиумите како централна улога во информирањето на луѓето во текот на пандемијата имаа голема одговорност, но потфрлија кога станува збор за професионално и точно известување за јавното здравје. Ова е заклучокот од денешните воведни излагања на настанот „Инклузивно известување за различностите во медиумите во време на Ковид-19“ кој го организираа Советот за етика во медиумите (СЕММ), во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Раководителка на Отсекот за комуникации и односи со медиумите на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Илона Казарјан потенцираше дека медиумите имаат важна улога во одржување на солидарноста, почитувањето на различностите и градење на кохезивно општество. Според неа, ако не се реши феноменот на говорот на омраза, дискриминацијата и стигматизацијата тој може да стане сè поштетен.

„Во овие времиња најзначителна дисконекција помеѓу луѓето е што медиумите се централна улога во опишување на реалноста. Мешаните извештаи на медиумите или неинклузивното известување на медиумите може да придонесе ранливите и маргинализираните групи на луѓе да бидат изоставени од институционалните одговори или пак, да создадат дискурс што не е од корист од ублажување на потешкотиите со кои се соочуваат овие групи граѓани. Постојаното потенцирање при известувањето дека жените се жртви од вирусот, приказните во врска со ромската заедница за наводно ширење на вирусот или пак, кревкоста и зависноста на повозрасната група граѓани, само ги зајакнува веќе вкоренетите стереотипи и стигматизацијата во општеството“, изјави Казарјан.

Според претседателката на Совет за етика во медиумите, Катарина Синадиновска медиумите потфрлиле изминатава година кога станува збор за инклузивно известување што резултирало со јавен простор исполнет со лаги, дезинформации, шпекулации, што во случај на пандемија може да чини човечки живот.

„Имајќи предвид дека се работи за вирус што сите нè нападна, за нешто што е поврзано со јавното здравје и заштита на граѓаните, како Совет на етика имавме очекување дека медиумите ќе бидат поодговорни и нема да известуваат согласно оние практики што ги имаат кога се известува за политички настани. За жал, годинава видовме дека тоа не е чест пример. Многу медиуми ги напуштија новинарските стандарди дури и кога се работи за една сеопшта траума. Имаше говор на омраза, стереотипи, дискриминација по различна основа, виктимизација на жртвите и она што е најстрашно според мене неточни и непроверени информации. Ова го покажува и статистиката на СЕММ. Најчесто се прекршувал членот 1 што налага објавување на точни и проверени информации, што пак, укажува дека и во ова време невреме сме биле оставени на информации кои не го поминале оној филтер на проверка, нешто што е работа на новинарите и самите редакции“, истакна Синадиновска.

Експертка за родова еднаквост, малцинства и недискриминација, Неда Чаловска Димовска се осврна на мерките на Владата во текот на пандемијата и како што истакна, истите се донесени ад-хок без консултативен процес и интерсекциски пристап, што резултираше со дискриминаторски мерки кон определени групи на граѓани.

„Што и да сме знаеле и што и да сме сметале дека сме направиле во изминатите години, сето тоа се врати назад. Маргинализираните групи повторно станаа најранливи и останаа најисклучени и невидливи. Всушност ова се граѓани кои постојано се на маргините и за време на пандемијата останаа на крајот од приказната“, изјави Чаловска Димовска.

Но, како што рече експертката, не станува збор само за нашето општество кое е дискриминаторско, исклучувачко и подлежно на стререотипи и предрасуди, бидејќи тие постојат на глобално ниво.

„Во сите општества постојат стреотипи и предрасуди. Единствената разлика во општествата е колку државата ќе работи на тоа да ги разбива овие појави и да обезбеди системска поддршка за вклучување во општествените процеси. Што всушност значи, обезбедување на активности и сервиси за да може нивните специфични потреби да бидат задоволени и подигнување на свеста со цел спречат дела на омраза и насилство“, додаде таа.

Во текот на своето излагање, Чаловска Димовска се осврна на сите маргинализирани групи во општеството и ги истакна нивните потреби и повреди на права во периодот на ковид-19.