fbpx

Корона кризата ја закочи и реализацијата на Стратегијата за енергетика до 2040 година

-

Најновата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година ќе почека подобри економски и политички моменти за старт. Ковид кризата која ги закочи економските текови, како и парламентарните избори, го одложија предвидениот термин за прифаќање на едно од трите предложени сценарија (референтно, за умерена транзиција и зелено сценарио). Рокот кога Владата требаше да избере едно од сценаријата и да донесе Програма за реализација во период од 5 години, беше јули годинава, шест месеци од донесувањето на Стратегијата, во месец февруари.

Иако засега е неизвесно кога ќе се случи изборот на сценариото, сите досегашни изјави на владини претставници одат во насока дека ќе се прифати „зеленото“ сценарио, кое става акцент на инвестиции и изградба на енергетски постројки од обновливи извори на енергија и напуштање на јагленот како главен енергенс, на кој се базира домашното производство на струја, а со цел заштита на животната околина и воздухот.

„Имајќи ја предвид состојбата со кризата од корона вирусот, дел од активностите се пролонгирани. Очекуваме до првиот квартал од 2021 година, Програмата да биде завршена и предложена на Владата за усвојување. Министерството за економија преговараше со Амбасадата на Обединетото Кралство за обезбедување на грант средства за изработка на Програмата, истите се веќе одобрени и избран е тимот кој ќе работи на документот“, изјави за „Мета.мк“ Фатмир Битиќи, заменик-претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции.

Тој додава дека последнава Стратегија е првата донесена во земјите членки на Енергетската Заедница која во целост базира на петте столбови на ЕУ кои се однесуваат на енергија и клима (сигурност, солидарност и доверба, целосно интегриран енергетски пазар, климатска акција – декарбонизирање на економијата, истражување, иновации и конкурентност).

„Анализите покажаа дека за „зеленото“ сценарио се потребни најголеми вложувања. Но, на долгорочен план, придобивките се најголеми токму од ова сценарио, како од економски аспект, така и во однос на намалување на емисиите на стакленички гасови и на локалното загадување“, вели Битиќи.

Според пресметки во Стратегијата, како резултат од „зеленото“ сценарио, може да се отворат најмалку 6.000 домашни работни места, надвор од оние за изградба на големите ХЕЦ, како „Чебрен“ и хидроцентралите на Вардар.

Според Битиќи, јасно е дека намалувањето на загадувањето е еден од приоритетите во Стратегијата, според која, во „зеленото“ сценарио во 2040 година емисиите на стакленичките гасови се намалуваат за 61,5 отсто во однос на 2005 година, а  истовремено значително расте користењето на обновливи извори на енергија достигнувајќи нивно учество од 45 отсто во бруто финална енергија.

Во две од трите сценарија (за умерена транзиција и зелено) се предвидува напуштање на јагленот како енергенс и значителни инвестиции во енергетски постројки на сонце и на ветер. Пресметките се дека за таа цел ќе бидат потребни брзи, капитални инвестиции од 9,4 до 17,5 милијарди евра до 2040 година, зависно од избраното сценарио.

Главниот фокус во сите три сценарија е ставен на инвестиции во енергетска ефикасност, по што следат инвестициите во обновливи извори на енергија, што е добра можност за поддршка и финансирање од европски фондови и од меѓународни финансиски институции и донатори, бидејќи тие исто така ја идентификуваат и потенцираат нивната важност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.