Корисниците сега можат да аплицираат и за вработување преку ТикТок

Фото: Antonbe, Pixabay

Апликацијата ТикТок тестира алатка за вработување која ќе им овозможи на корисниците директно, со свои видео-биографии, да аплицираат за работа во компании.

За тестирање на пилот програмата наречена „ТикТок Биографии“ (TikTok Resumes) веќе се пријавиле повеќе од 30 компании.

Корисниците ќе биде потребно да создадат своја видео-биографија, да ја објават на ТикТок и потоа да им го испратат видеото на работодавците преку самата апликација. Сепак, според упатството, на апликантите им се препорачува видеата да не содржат лични информации за контакт, како телефонски број или адреса за е-пошта.

Во моментов дел од компаниите, како „Чипотле“, „Таргет“ и „Шопифај“ веќе прифаќаат апликации за работа преку ТикТок.

Дел од наведените работни места кои се отворени во моментов преку новата алатка, меѓу другото, вклучуваат и креатори за генерирање содржини за ТикТок, што значи дека сè повеќе брендови започнуваат да ја прифаќаат платформата.

Така, компанијата „Ало Јога“ (Alo Yoga) вработува менаџер за социјални мрежи кој ќе развие ТикТок-стратегија за брендот и ќе соработува со инфлуенсерите на оваа апликација.

И покрај тоа што пилот-програмата е само привремена, истата покажува како ТикТок размислува за воспоставување на екосистем со професионални креатoри на содржини за да го продолжи своето влијание врз младите, кои се најголеми корисници на апликацијата.

Видео-биографиите на ТикТок ќе можат да се поднесуваат до 31 јули.