Корисниците на Инстаграм и Фејсбук ќе може да платат за верификација на нивните профили

Фото: Souvik Banerjee on Unsplash

Корисниците на Инстаграм и Фејсбук сега ќе може да плаќаат за да ја добијат сината ознака за верификација, соопшти компанијата „Мета“, а пренесе Би-би-си.

Услугата „Meta Verified“ ќе чини 12 долари месечно на веб и 15 долари за корисниците на мобилниот телефон „Ајфон“.

Услугата неделава ќе стане достапна во Австралија и Нов Зеланд, а според извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, овој потег ќе ја подобри безбедноста и автентичноста на социјалните мрежи.

Претплатничката услуга сè уште не е достапна за бизнисите, но поединците ќе може да плаќаат за верификуван профил.

Сината ознака или синиот беџ се користи како алатка за верификација на корисничките сметки од висок профил за да се означи нивната автентичност. Корисниците кои плаќаат за оваа услуга на Инстаграм и Фејсбук ќе добијат зголемена видливост на нивните објави, заштита од имитатори и полесен пристап до услугите на клиентите.

Технолошкиот гигант за Би-би-си изјавил дека промената нема да влијае на претходно верификуваните сметки.

Потегот, инаку, доаѓа откако сопственикот на Твитер Илон Маск ја воведе премиум претплатата наречена „Твитер Блу“ во ноември минатата година. Функцијата беше паузирана после неколку денови откако корисниците почнаа да имитираат големи брендови и познати личности со плаќање за син беџ, пред повторно да биде лансирана.