Бугарскиот портал „Пик“ пренесувајќи вест од други бугарски медиуми, успеа да види провокација за Фејсбук-постот на претседателот на СДСМ и поранешен премиер, Зоран Заев, за годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, корифејот на македонското револуционерно дело, борецот за автономна Македонија и познат противник на Врховистичките шеми и политика кои се кроеле во Софија.

Во насловот на „Пик“, „ПОРЕДНА ПРОВОКАЦИЯ! Зоран Заев обяви: Гоце Делчев е македонски революционер“ (УШТЕ ЕДНА ПРОВОКАЦИЈА: Зоран Заев објави: Гоце Делчев е македонски револуционер), овој портал „се скандализира“ што поранешниот премиер го претставува Делчев како македонски револуционер. Во текстот пак, нема вчудовиденост, туку речиси сувопарно пренесување на содржината на Фејсбук-постот на Заев.

Можеби за старата позната бугарска матрица во која не се дозволува никакво друго толкување и која наметнувала цензура на сите што не размислувале за Македонија како „најромантичниот дел од бугарската историја“ (само еден пример тука) е провокација тврдењето дека Гоце Делчев бил македонски револуционер, но историографијата несомнено дава докази дека неговата определба е автономна Македонија во рамките на Отоманското царство, најверојатно знаејќи дека европските сили не би дозволиле формирање нова балканска држава во време кога еден табор полагал на проширување на Бугарија, друг на проширување на Србија – а сето тоа за сметка на македонската територија.

Истовремено, Делчев е остар опонент на бугарската великодржавна политика отелотворено во времето на неговото револуционерно дејствување во ликот на Врховниот комитет. Тој е цврсто уверен дека слободата на Македонија не може да ја донесат ниту Грција, ниту Србија, ниту Бугарија – туку само нејзиниот народ.

Нападот од „Пик“ не е ништо ново, посебно од медиум од држава која не сака ниту формално да признае македонско малцинство и во него гледа закана за својата уставност.

Но вистината сепак не е ограничена на бугарската историска догма – автохтоноста на македонското револуционерно движење – а со тоа и на нејзините корифеи, како Гоце Делчев, Јане Сандански, Ѓорче Петров, Даме Груев, Пере Тошев, ја согледале и во Москва, големата заштитничка на Бугарија во 19-от век, но и потоа.