fbpx

Коридорите 8 и 10д и договорот со Бехтел и Енка – главна тема на пратенички прашања

На седницата беа отворени прашањата зошто договорот се крие кога во него немало клаузули за тајност, зошто поголем дел од парите ќе земат компаниите од странство, а како што обвинија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, во меѓувреме ќе се експлоатираат сите работници со 60 работни часа неделно

-

Изградбата на коридорите 8 и 10д и договорот со „Бехтел и Енка“ беше главна тема на денешните пратенички прашања во Собранието. Пред пратениците најдолго образложуваше премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека „овој проект значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2% годишно во наредните 5 години“.

На седницата за пратенички прашања беа отворени прашањата зошто договорот со Бехтел и Енка се крие кога во него немало клаузули за тајност, зошто поголем дел од парите ќе земат компании од странство, а како што обвинија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, во меѓувреме ќе се експлоатираат сите работници со 60 работни часа неделно.

„Договорот со Бехтел и Енка, како и секој договор подразбира приватност и доверливост. Тоа го има секој договор потпишан меѓу која било влада со која било меѓународна голема мултинационална компанија, во кои одредени делови мора да бидат доверливи“, рече Ковачевски и додаде дека тоа во никој случај не значи дека Владата крие нешто што е од интерес на јавноста и нешто што би имало некакви негативни ефекти врз граѓаните.

„Клучните елементи од договорот кои се од интерес за јавноста никогаш не биле тајна, како што е вредноста на договорот, начинот на реализација на договорот, како ќе се трошат парите на граѓаните“, рече Ковачевски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска соопшти дека писмото од премиерот со кое се согласува да им биде презентиран Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д на пратениците со безбедносен сертификат е во Собранието и дека координаторите на пратеничките групи веќе се известени. Џафери изјави дека не се знае на која комисија и колкумина пратеници со безбедносен сертификат ќе присуствуваат на презентацијата на Договорот. Ова практично значи дека на тие пратеници нема да им биде доставен Договорот, туку само презентиран, бидејќи станува збор за класифициран документ.

Во врска со изградбата на коридорот, а одговарајќи на пратеничко прашање од Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска рече дека во договорот со стои дека најмалку 51 отсто од компаниите, работниците, работната сила и други ресурси при изградбата ќе бидат ангажирани од државата.

Во делот на работното време и прекувремената работа на работниците, пак, Тренчевска рече оти „никаде не стои дека работниците ќе бидат ангажирани 12 часа, односно 72 часа“. Таа додаде дека се работи за проект кој е од стратешки и национален интерес, потенцирајќи дека прекувремената работа на работниците ќе биде платена и која ќе биде дозволена само со писмена изјава и согласност од работникот.

Премиерот Ковачевски рече дека државата има опција автопатите да се градат во временски рок што го задала Владата, во рок од 4 години и 7 месеци, или да прифати да се градат по постојната регулатива.

„Тоа би значело подолго време на градење кое досега го гледавме на автопатиштата низ државата”, рече Ковачевски, потсетувајќи на автопатот Кичево-Охрид, за којшто досега се потрошени 600 милиони евра, а не е пуштен заради лошото проектирање на трасата.

Во однос на експропријацијата, односно предложените измени кои се во собраниска процедура, Ковачевски рече дека тие важат и во моментов и ги има во сегашното решение.

„И сега градбата на делницата продолжува без второстепена постапка. Со измените на Законот за градење има нова постапка и систем за градење, со која прво се одобрува урбанистичкиот проект којшто ќе ја утврди трасата по којшто ќе започне постапката за експропријација на земјиштето”, рече Ковачевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Утре бесплатен влез во музеите и на локалитетите по повод Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети

Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, 18 Април, утре ќе биде одбележан со бесплатен влез во сите национални установи од областа на заштитата на културното наследство, кои ќе...