Полни раце работа ќе имаат пратениците на 11 декември, годинава бидејќи најмалку 51 пат ќе треба да притиснат на копчињата за гласање со оглед на тоа што толкав е бројот на точки на дневниот ред на собраниската седница закажана на тој ден.

Предлог-закони, именување функционери, ратификација на меѓународни договори, финансиски планови на регулаторни тела и што уште не, би требало да бидат предмет на расправа на пратениците во рамките на оваа седница.

Меѓу нив се наоѓаат и предлог-закони за менување на регулативата од политичката и економската сфера за кои е предвидена скратена постапка. Такви се Изборниот законик, Законот за јавнообвинителска служба, Законот за ДДВ, Законот за данок на личен доход

Инаку, според Сумарниот извештај од Индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието за 2017 и 2018 година подготвен од граѓанската асоцијација „Мост“ во текот на 2017 година, Собранието донело вкупно 42 закони, од кои 29 измени на постоечки закони, 4 нови закони и 9 ратификации.

Во текот на 2018 година Собранието донело 265 закони, од кои 31 нов, 215 измени и дополнувања и 19 ратификации.

Бројот на донесени закони е зголемен од 42 во 2017 на 265 во 2018 година, што се должи на фактот што во првите 5 месеци од 2017 година Собранието не беше функционално поради продолженото траење на конститутивната седница.

Собранието било најактивно во носењето на закони во периодот април-мај 2018 година, при што во секој од овие месеци се донесени по 55 закони.