При копање на канал за фекална канализација на булеварот Партизански одреди во населбата Карпош 4, вчера биле пронајдени камен саркофаг од 2-от век, односно од римско време, како и римски надгробни олтари (кипуси), извести Националниот конзерваторски центар.

Екипите ангажирани од Град Скопје ги повикале експертите, па артефактите биле извадени во присуство на Вера Атанасовска, археолог – виш конзерватор и директорот на Центарот, Коле Чапкановски, како и Ленче Јованова, археолог од Музеј на Град Скопје.

Новата локација на саркофагот и кипусите ќе биде археолошкиот локалитет Скупи, велат од Националниот конзерваторски центар.

Градоначалникот на Град Скопје на денешната прес-конференција рече дека археолошките откритија нема да го попречат одвивањето на градежните работи.

„Дозволено ни е да продолжиме, а се што како археолошки наоди можеби ќе се пронајде, ќе биде дислоцирано на соодветен начин“, соопшти Шилегов.