Нови цели за намалување на емисиите на стакленички гасови, намалување на употребата на фосилни горива и ставање крај на уништувањето на шумите, беше, меѓу другото, договорено од светските лидери на КОП26.
Нациите повторно се состануваат во Бон, Германија за да разговараат за напредокот по потпишувањето на Климатскиот пакт во Глазгов, пишува „Би-би-си“.
Секоја година владите во светот се среќаваат на самит за климата, наречен Конференција на страните (Conference of the Parties – COP). Дваесет и шестиот самит се одржа во Глазгов минатата година, додека 27-от ќе се одржи во Шарм ел Шеик, Египет, подоцна годинава.
Конференцијата за климатски промени во Бон, пак, се одржува некаде на половина помеѓу двата главни самита, за да се провери напредокот.
Но, дали државите ги одржуваат своите ветувања?
Емисии на стакленички гасови: Можен пад годинава
Што беше договорено? Во Глазгов, земјите се согласија да поднесат поамбициозни климатски планови, вклучително и намалување на емисиите на јаглероден диоксид (CO2).
Зошто е важно? Јаглеродниот диоксид е стакленички гас кој предизвикува климатски промени. Потребно е намалување на емисиите за да се одржи зголемувањето на температурата на ниво од 1,5 степени Целзиусови. Надминувањето на овој праг може да предизвика „климатска катастрофа“, предупредија научници на Обединетите Нации (ОН).
Што е направено? На земјите им беше даден рок до септември да поднесат нови планови, но, во моментов, само 11 од 196 земји го сториле тоа.
Сепак, неодамнешна анализа сугерира дека Кина бележи континуирано намалување на емисиите од летото 2021 година. Ова може да има значително влијание, бидејќи Кина е одговорна за 27 отсто од емисиите во светот.
Фосилни горива: Енергетската криза го загрозува напредокот
Што беше договорено? КОП26 вклучуваше план за намалување на употребата на јаглен, кој е одговорен за 40 отсто од годишните емисии на јаглерод диоксид. Светските лидери, исто така, се согласија да ги укинат неефикасните субвенции за нафта и гас. Станува збор за државни плаќања кои вештачки ја намалуваат цената на фосилните горива.
Зошто е важно? Телото на ОН за климатски науки, IPCC, вели дека фосилните горива се одговорни за 64 проценти од емисиите на CO2 во светот.
Што е направено? Во моментов има 34 земји кои размислуваат за нови погони за јаглен, во споредба со 41 земја на почетокот на минатата година.
Кина, најголемиот корисник на јаглен, се согласи целосно да го прекине финансирањето на „сите прекуокеански енергетски проекти поврзани со јаглен“.
Сепак, Индија, следниот најголем потрошувач на јаглен, во април објави дека го зголемува производството на јаглен и повторно отвора 100 централи.
Субвенциите за фосилни горива, исто така, се зголемија во 2021 година, според Меѓународната агенција за енергија. Сепак, Сабрина Мулер, политички аналитичар од Лондонската школа за економија, смета дека ова е краткорочна мерка за оддалечување од рускиот гас.
Обесшумување: Бразил го попречува глобалниот напредок
Што беше договорено? Повеќе од 100 земји, со околу 85 отсто од шумските површини во светот, ветија дека ќе го запрат уништувањето на шумите до 2030 година.
Зошто е важно? Ова се смета за витално, видејќи дрвјата апсорбираат околу 10 проценти од јаглеродниот диоксид што се емитува секоја година.
Што е направено? Половина од светските шуми им припаѓаат на пет земји – Русија, Бразил, Канада, САД и Кина, така што нивните постапки би можеле да направат голема разлика.
Во април, американскиот претседател Џо Бајден потпиша наредба за заштита на старите шуми на владино земјиште.
Но, во Бразил, која е дом на повеќе од половина од прашумите во Амазон, уништувањето на шумите е зголемено за 69 отсто во однос на минатата година.
Друг предизвик е Русија, која се соочува со сезона на шумски пожари. Минатата година земјата загуби 6,5 милиони хектари шума, поради пожари.
Климатска акција: дополнителни пари, но потребни се уште повеќе
Што беше договорено? Побогатите земји се согласија да обезбедуваат 100 милијарди долари годишно на земјите во развој за климатски активности до крајот на 2022 година, ветување што беше пропуштено во 2020 година.
Зошто е важно? На земјите во развој им требаат пари за да се оддалечат од фосилните горива, преку, на пример, инвестирање во зелени технологии. Исто така, потребно е овие земји да се подготват за најлошите влијанија од климатските промени.
Што е направено? И покрај тоа што ЕУ, САД, Канада и Австралија ги зголемуваат ветувањата за финансирање, Светскиот институт за ресурси вели дека треба да трошат уште повеќе поради нивното релативно богатство и поранешните емисии на стакленички гасови.
Обединетото Кралство, Франција, Германија и Јапонија обезбедуваат повеќе од потребното.
Метан – влошување на состојбата
Што беше договорено? Шема за намалување на 30 отсто од емисите на метан до 2030 година беше прифатена од повеќе од 100 земји.
Големите емитери – Кина, Русија и Индија, треба допрва да се приклучат, иако Кина во договор со САД се согласи да работи на ова прашање.
Зошто е важно? Метанот во моментов е одговорен за една третина од глобалното затоплување што го создава човекот.
Што е направено? Минатата година, нивоата на метан го забележаа својот најголем годишен пораст од почетокот на евиденцијата, спроед Националната управа на океани и атмосфера на САД. Земјоделството и енергетскиот сектор се главните извори на метан, а зголемувањето на употребата на нафта и гас како резултат на олеснувањето на Ковид- мерките, може да биде делумно одговорно.