КОП 26: Објавен нацрт-договорот кој бара построги обврски од државите за емисиите на стакленички гасови

Нацрт-договорот на Конференцијата за климатски промени на ОН (КОП 26) е веќе изготвен, а во наредните денови ќе се преговара со земјите за зајакнување на своите национални климатски планови до крајот на 2022 година, пишува весникот Гардијан.

Овој нацрт беше објавен од Обединетото Кралство, односно од претседателот на Светската климатска конференција Алок Шарма. Со него се поттикнуваат земјите да ги зајакнат своите цели за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година, а за ова да имаат рок до крајот на идната година. До овој период земјите ќе треба да ги зголемат нивните краткорочни обврски, што исто така би било чекор напред кон ублажување на климатските промени.

Во нацрт-договорот исто така се бара од земјите да се согласат на тркалезна маса на министерско ниво што би се одржувала секоја година во ноември, при што таа би била фокусирана на натамошно зголемување на амбициите.

Исто така, во нацртот се потсетува и дека според Парискиот договор, државите можат во секое време да дадат нови, поамбициозни климатски ветувања и за првпат ги повикуваат земјите постепено да ги укинуваат субвенциите за јаглен и фосилни горива.

Нацртот објавен денеска ќе биде предмет на преговори меѓу земјите во последните три дена, при што од нив ќе се формира основата на крајниот исход од КОП 26, чија цел е да ги разјасни деталите од Парискиот договор и да се надоврзе на него.

Во овој драфт е наведена и сериозната загриженост дека со сегашните преземени обврски, емисиите на стакленички гасови се на пат да се зголемат во светот за 13,7 отсто до 2030 година.

Затоа, нацрт-документот предлага земјите да се согласат да го забрзаат исфрлањето на јагленот и субвенциите за фосилните горива – потенцијално прво признание за централната улога на фосилните горива во климатската криза во еден договор на Обединетите нации, но и ги повикува сите развиени земји барем да ги удвојат обврските за финансирање за да им се помогне на најпогодените ширум светот.