fbpx

Конзулатот во Венеција и амбасадата во Рим со блокирани тековни, плаќаат преку приватни сметки

-

Генералниот конзулат на земјава во Венеција и амбасадата во Рим не можат да отворат сметки за редовно работење поради судски спор со лице кое порано било ангажирано со договор на дело во конзулатот во Венеција, открива Државниот завод за ревизија во извештајот за работењето на Министерството за надворешни работи. Тие сега се снаоѓаат со исплати преку сметка на лично име на конзулот во Венеција односно преку амбасадата во Ватикан.

Врз основа на поднесена тужба од 2004 година донесена е судска пресуда со која се обврзува МНР да исплати побарување од работен спор во висина од 98.533 евра. Поради неизмирување на обврските, активиран е налог за извршување на сметките на Генералниот конзулат во Венеција и амбасадата во Рим.

„До денот на вршење на ревизијата побарувањето заедно со пресметана камата и трошоците за наведениот судски спор на тужителот од Министерството изнесуваат 246.316 евра. Напоменуваме дека судскиот спор е се уште во тек. Имено, поради тоа што во Република Италија признавањето и извршувањето на судските одлуки се однесува единствено на земјите членки на ЕУ, а во спротивно само со билатерален договор кој не е склучен меѓу нашата земја и Италија, тужителката до Основниот суд во Скопје има поднесено предлог за признавање на странска судска пресуда, кој е одбиен како неоснован, потоа обжален во Апелацискиот суд, кој исто така ја има одбиено жалбата како неоснована“, пишува во извештајот.

За неведениот судски спор е побарано мислење за понатамошно постапување и инволвирани се Министерството за правда и Државниот правобранител, а со цел добивање на решение и затворање на судскиот предмет.

Ревизорите истакнуваат дека нашата земја поседува стан во Рим, наследен од имотот на поранешна СФРЈ кој не е запишан во катастарот на Италија како сопственост на нашата земја.

„Причина за неизвршениот упис е наведениот спор од причина што со самото запишување на правото на сопственост се јавува можност од присилно извршување на судската пресуда врз недвижниот имот, сопственост на нашата земја“, се вели во извештајот.

ДЗР смета дека од особена важност за државава е да се реши овој спор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција...