Kонтролите на инспекторите за животна средина што ги прават кај загадувачите ќе бидат јавни преку нова дигитална платформа

Фото: Институт за комуникациски студии

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) денеска го промовираше Дигиталниот регистар за субјекти на инспекциски надзор и инспекциски извештаи, во кој се содржани сите податоци за компаниите кои имаат А и Б-интегрирани дозволи и елаборати и инспекциските надзори кои се извршени кај нив.

Регистарот, кој е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамките на кампањата „Разбистри сè“, содржи информации за сите инспекциски надзори – редовни, вонредни и контролни кои се извршени кај потенцијални загадувачи во текот на минатата и оваа година. Новата платформа е линкувана и со веб страната на Државниот инспекторат, но и понатаму е во процес на изработка.

Електронската база на податоци е предвидена и во новиот Закон за инспекциски надзор во животна средина, кој е во собраниска процедура и треба да стапи на сила годинава.

Според директорот на инспекторатот Сретен Стојковски, оваа институција активно работи на терен, а во изминатите три месеци направила за 35 отсто повеќе надзори од планираните.

„Реализиравме 590 надзори, од кои 365 редовни 133 вонредни и 92 контролни. Зголемениот број на надзори се должи токму на вонредните контроли кои заедно со Министерството за внатрешни работи беа направени кај отпади во целата земја“, рече Стојковски.

Податоците на дигиталната платформа, како што информираше денеска Дарко Блинков, Раководител на Одделението за поддршка, аналитика и меѓународна соработка на ДИЖС, постојано ќе се надополнуваат а ќе бидат надоврзани и со водната книга и регистарот за отпад.

„Регистарот е наменет за јавноста, за граѓанските здруженија и за индустриските капацитети за полесно да добијат информации за работата на Инспекторатот. Сите податоци ќе бидат објавени на македонски, албански и англиски јазик. Оваа платформа ќе стане дел и од системот е-инспектор“, посочи Блинков.

Целта на формирањето на регистарот е запазување на начелото на јавност и транспарентност, како и на националното и законодавството на ЕУ кои наложуваат граѓаните да имаат слободен пристап до информациите од јавен карактер во врска со инспекцискиот надзор во животната средина. Со постоење на дигитален регистар на субјекти на инспекциски надзор на државно и локално ниво и база на податоци од спроведените инспекциските надзори, на граѓаните им се обезбедува поголем јавен увид во работењето на инспекциските служби.

Дејан Андонов, програмски координатор во ИКС посочи дека на почетокот на кампањата „Разбистри сè“ беше изработена онлајн платформа за пријавување на загадување од страна на граѓаните по различни електронски канали да стигнуваат на едно место за полесна координација на инспекторите и поголема ефикасност во работата. На неа сега се надоврзува и регистарот за субјекти на инспекциски надзор.

„Препораките за зајакнување на транспарентноста и отчетноста на Државниот инспекторат беа да се креираат и да се подобрат базите на податоци на субјекти каде се врши инспекциски надзор и кои се потенцијални загадувачи и да се дигитализираат податоците за дозволи и елаборати и база за извршени надзори и да се формира дигитална платформа“, рече Андонов.