Контролата на АХВ откри една нерегистрирана и четири оштетени кујни во основни и специјални училишта во Скопје

Со контролите, утврдени се недостатоци во поглед на неозначена и неселектирана, како и оштетени работни површини во 4 училишта, за што се издадени решенија со мерки за отстранување на недостатоците

Фото: АХВ

При минатонеделните спроведени вонредни надзори во 36 училишни кујни во основни и специјални училишта на територија на град Скопје, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најдоа една кујна која не е регистрирана во АХВ. За утврдената недоследност, изречена е прекршочна санкција и наредено е итно регистрирање.

Со контролите, утврдени се недостатоци во поглед на неозначена и неселектирана храна, како и оштетени работни површини во четири училишта, за што се издадени решенија со мерки за отстранување на недостатоците.

Во рамки на контролите, земени се примероци од храна и брисови за микробиолошка анализа. Од земените примероци храна, по извршените лабораториски тестирања, утврдено е дека сите се одобрени во однос на микробиолошките критериуми.

Од земените брисови само во едно училиште лабораториските тестирања детектираа незадоволителни резултати, за што од страна на инспекциските служби на АХВ издадено е решение со мерки.

АХВ продолжува со спроведување на вонредни инспекциски контроли кај операторите со храна на територијата на цела држава, со акцент контролите во кујните во училиштата и установите каде се згрижуваат граѓани од ранливите категории, каде контролите ќе се спроведуваат континуирано.