Контрисајд во Ранковце е првиот ранч за терапија со коњи во земјава

Фото: Мета.мк

Дружењето со животни исполнува со позитивна енергија, лекува болести, спасува животи. Тераписките методи кои вклучуваат коњи, кучиња, мачки… се одамна познати насекаде во светот. Од неодамна, ранчот Контрисајд во Општината Ранковце е местото каде секој што сака животни може да дојде и да помине еден ден опкружен со нивната љубов, во природа, како и да ја доживее гостопримливоста на сопственичката Марија Дуда Дибјаџио.

Сите животни во Контрисајд се спасени, имаат своја животна приказна, која овде на ранчот завршува со хепиенд. Тие, во моментот кога им требало помош ја добиле, а сега помагаат на луѓе на кои им е потребна терапија. Има шест коњи, од кои две се ждребиња, магарето Матилда, две џуџести кози, осум кучиња и 12 мачки. Сите се движат слободно низ ранчот и уживаат во дружењето со посетителите.

Фото: Мета.мк

„Животните кои биле отфрлени се најдобри терапевти. Тие пружаат најголема љубов и внимание“, вели Марија Дибјаџио и додава дека Контрисајд ретрит работи од август минатата година како социјално претпријатие кое има цел да врши едукација на младите за важноста на природата и животните во нашите животи.

„Времето на пандемија на сите ни предизвика отуѓување, анксиозност и други состојби за кои не сме биле свесни, а ефектот од дружењето со животни и фактот дека Контрисајд е отворен токму за време на Ковид 19 допринесе луѓето уште повеќе да го прифатат како место за релаксирање и дружење“, вели Марија.

Таа нагласува дека на ранчот се добредојдени сите кои сакаат животни и природа, кои сакаат да се релаксираат, но и кои имаат потреба од некаква помош. Работат со програма за хипотерапија за лица со посебни потреби, особено со физички попречености, а во следните месеци ќе започнат и работилници посветени на менталното здравје и менталната хигиена, во кои ќе бидат вклучени и активности со животните.

Фото: приватна архива

Приказната за Контрисајд започнала сосема случајно, откако минатата година таа скршила нога и заради пандемијата никаде не можела да оди на терапија, па решила да направи базен и самата со своите животни да работи на тоа прашање. Ранчот има и сместувачки капацитети, а Марија изградила и две дрвени куќарки со поглед кон планините, кои можат да се користат и како канцеларија во природа.

„Сите наши гости имаат нешто заедничко, тие се големи љубители на природата и животните. Имаме многу активности кои се насочени кон дружење на гостите и животните, децата ги обожаваат козите и кучињата, дозволуваме да ги чешлаат, ги учиме како да ги хранат и да ги јаваат коњите. Имаме и десетина велосипеди, па секој што сака може да оди и да ужива во тура низ околината“, вели Марија.

Како повратник од САД, таа вели дека искуствата научени низ ранчовите за хипотерапија во оваа земја ќе ги донесе во Контрисајд. Веќе е изработен Програмот за хипотерапија со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој, во рамките на кој се воспоставени различни вежби за луѓе со различни потреби. Тимот е составен од психолог, дефектолог, логопед и физиотерапевт, а наскоро ќе биде реализиран и пилот проект за семејства кои три месеци ќе можат да учествуваат во програмата без надомест. Ова искуство треба да биде основата за конечната програма за терапии која ќе стартува идната година.

Фото: Мета.мк

„Многу ни е важно и менталното здравје. Постојат податоци дека во текот на памндемијата жените многу повеќе страдале од панични напади и анксиозност, како и од семејно насилство. Сакаме да создадеме програми со кои ќе им понудиме поддршка полесно да го поминат овој предизвик“, вели Марија.