Спинувањето и изнесувањето невистини за пожарите од страна на двете најголеми партии во македонскиот блок никако да престане. ВМРО-ДПМНЕ ползува криминални мотиви кај поединец да докаже дека во СДСМ организирано потпалуваат пожари во државата, СДСМ пак, повторно спинува со 20-те проценти изгорена територија, пренесува Вистиномер.
Пишува: Теофил Блажевски
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ изнесоа два комуникациски става/изјави во кои одново се спинува и се изнесуваат полувистини и невистини околу пожарите. Пратеникот Миле Левков, користејќи криминален акт во струмичко даде изјава во која може да се препознае спин:
М. Левков: Во изминатиов период кажувавме дека голем дел од пожарите низ државата се подметнуваат од структури блиски до СДС, а денес имаме и докази. Полицијата го уапсила лицето А.Н. шофер на Зоран Заев за подметнување на пожар.
Фактот што шоферот на Заев ги подметнувал пожарите, отвора прашање, каква е вмешаноста лично на Венко Филипче, знаејќи за нивната блискост и поврзаност?
Дали има организирана група во СДС за палење пожари и предизвикување хаос во државата? Ако човек од најблиското опкружување на Заев пали, тогаш се поставува прашањето не само дали, туку колкумина се дел од организирана структура и мрежа на пиромани?…
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – М. Левков/прес – датум: 29.07.2025]
Контраспин: Тврдењето на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Левков, дека апсењето на лицето А.Н. од Струмица кој бил затекнат како потпалува пожар во атарот на с. Водоча е доказ за постоење организирана потпалувачка група во СДСМ со две цели, е извртување на вистината т.е. спин.
Партијата веќе извесно време во јавноста ја пласира тезата дека „пиромани“ и „некрофили“ од СДСМ најверојатно стојат зад пожарите, а вчера пратеникот Левков кажа дека за тоа нивно тврдење имаат и докази („Во изминатиов период кажувавме дека голем дел од пожарите низ државата се подметнуваат од структури блиски до СДС, а денес имаме и докази“). Но, какви докази имаат во партијата? Јавноста може да суди само според она што е изнесено од релеватни институции, а во овој случај тоа е Јавното обвинителство. А сознанијата на Обвинителството пак, упатуваат на изолиран случај на криминален акт кој предизвикал општа опасност:
…Осомничениот вчера попладне, преку една социјална мрежа, се заканил на лице од Струмица дека ќе му ја запали викендицата, а потоа се обидел заканите да ги реализира.
На локацијата брана Водоча се обидел да подметне пожар и да предизвика поголема имотна штета. Со запален факел од хартија и текстил ги запалил гредите на натстрешницата, кои започнале да чадат и да горат. Со тоа предизвикал ризик од пожар не само на објектот, туку и на повеќе други викенд-куќи и на нискостеблеста и високостеблеста вегетација во непосредна близина… – се наведува во соопштението на ЈОРМ.
Станува збор за покренување на истражна постапка, а лицето е во притвор по барање на ЈО од Струмица поради опасност од бегство.
Од ова соопштение може да се заклучи дека уапсениот кој работел во Општина Струмица, навистина предизвикал општа опасност и со своето дело запалил неколку други викендици и нискостеблеста и високостебелеста вегетација во непосредната околина. Но, откако претходно се заканил на социјални мрежи, а потоа и ја извршил заканата, потпалувајќи греди на конкретна викендичка на конкретен сопственик, со кого најверојатно имал нерасчистени односи, кои може да се и од криминална природа.
Затоа, кога Левков говори дека приведувањето на ова лице е доказ дека структури блиски на СДСМ организирано палат пожари низ државата со цел да докажат дека власта е неспособна, тоа е извртување на вистината, т.е. спин. Прво не може приведеното лице за кое екс премиерот Зоран Заев тврди дека никогаш не му бил шофер и телохранител, туку вработен на портирница во општината, да биде доказ дека тоа лице е дел од организирана структура која потпалува пожари. Второ и можеби основно, кој (нормален) од организирана потпалувачка група прво на социјални мрежи најавува дека ќе запали викендица, па потоа ја пали? Партијата и пратеникот Левков можеби имаат и други докази, но за овој за кој тврдат, тоа личи на извртување на вистината.
СДСМ спинува за причините и за последиците од пожарите
За да не бидат покуси, од СДСМ во одговорот на пресот на Левков, преку соопштение за јавноста го повторија спинот за 20-те отсто изгорена Македонија:
…Единствени виновни за пожарите се ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кои се неспособни.
Изгоре над 20% од територијата на државата. Нема нови возила, нема опрема, нема пожарникари, нема авиони. Има само лаги, прес-конференции и луксузни патувања (дел од соопштение на СДСМ).
Прво спин е дека единствени виновни за пожарите се владејачката партија и премиерот кои бие неспосoбни, зашто гледано логички, произлегува дека сами си ги потпалуваат пожарите. Врз основа на статистика зад огромен број од пожарите на отворено стои човек, односно човечки фактор, било да станува збор за невнимание или намерно потпалување, а другото се должи на климатските промени и еден мал дел се должи на трети непредвидени фактори. Впрочем, пожари со помалку и повеќе штета се случуваа секоја година, не само кај нас туку и во светот.
А за тоа дека изгореле 20 отсто од територијата на земјава, врз основа на бројки на шумска површина и пасишта и врз основа на проценки на европско тело за шумски пожари, Вистиномер направи рецензија во која се утврдува дека бројките се далеку од реалните, иако секоја штета е голема и до крајот на годинава таа ќе биде над повеќегодишниот просек.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

