Telegram
Скриншот од разговор од поранешната група „Јавна соба“ / фотографијата е од јануари 2020 година

Случајот „Јавна соба“ од минатата година беше „полурасчистен“ со неколку кривични пријави и тоа во рок од најмалку еден месец, пишува „Вистиномер“ во последниот
„Контраспин“. Тој случај во ЈО сè уште се води во фаза на преткривична истрага каде се правеле „детални форензички анализи“, се вели во новата анализа која ја пренесуваме во целост.

Изјавата на Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ дека ланскиот случај „Јавна соба“ бил расчистен од МВР за само еден ден, бидејќи со министерството раководел Наќе Чулев, е спинување на вистината:

Спин: Повторното појавување на случајот „Јавна соба“ е само резултат на неспособноста на СДСМ и на Оливер Спасовски….Само за споредба, минатата година исто во јануари кога се појави случај со „Јавна соба“ за само еден ден беше расчистен бидејќи со МВР раководеше министерот Наќе Чулев и целото министерство го стави во функција на заштита на жртвите и затварање на групата. И тоа се случи за еден ден. Денес, кога одат граѓани да пријавуваат злоупотреби поврзани со истиов случај „Јавна соба“ кој што повторно се појави и веќе трае можеби недела дена и повеќе, администрацијата на Оливер Спасовски ги брка.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Изјава на Д. Арсовски – датум: 28.01.2021]

Контраспин: Гласноговорникот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, тврдејќи дека сегашната афера со групата на Телеграм „Јавна собра“ говорела за неспособност на МВР, кое не сакало да работи, додека минатогодишниот случај покажал дека МВР под тогашното раководство на техничкиот министер Наќе Чулев го расчистило случајот за само еден ден – спинува, т.е ја извртува вистината.

А вистината е дека минатогодишниот случај „Јавна соба“ сè уште не е расчистен, ниту бил расчистен од тогашното раководство на МВР, без оглед што биле покренати кривични пријави против еден, двајца тројца инволвирани, сеедно, од страна на МВР до Јавното обвинителство. Пребарувајќи по фактите може да се зборува суштински за „полурасчистување“ на тој случај од лани, од страна на МВР.

МЕТА го следеше минатогодишниот случај со „Јавна соба“ од самиот почеток на аферата. Уште на 28.01.2020 година и Чулев и тогашната заменичка, Славјанка Петровска, најавуваа кривични пријави и дека било разговарано со две лица, организатор и администратор. Во исто тоа време групата била преименувана во „Хм…“, при што активностите дури биле зголемени.

Два дена подоцна на 30 јануари 2020 година од страна на тогашниот министер Чулев беше дадена изјава дека се работи на расчистување на случајот, дека со едниот организатор и едниот администратор на групата завршил разговорот, а се трагало по уште еден администратор.

Седум дена подоцна, на 06.02.2020 г, тогашната заменичка министерка Петровска изјавува за МЕТА дека „за два дена ќе се знаело до каде е истрагата“.

Веќе на 18 февруари истата година, Чулев на прес конференција вели дека биле поднесени две кривични пријави, дека од седиштето на компанијата „Телеграм“ во Лондон била затворена групата, но бидејќи тие не сакале да дадат повеќе информации до МВР, случајот на тоа завршил.

„Во однос на „Јавна соба“ која беше на „Телеграм“, ја контактиравме фирмата во Лондон и ја затворија групата, но не дадоа повратна информација. Утврдени се администраторот и модераторот. Против нив е поднесена соодветна кривична пријава, но со оглед на несоработката на сопствениците на „Телеграм“, едноставно тие одбиваат било каква соработка. Тоа ни беше соопштено и од други партнерски земји, дека „Телеграм“ не дава информации во однос на барањата кои произлегуваат од властите на државите. Ние без соработка со „Телеграм“ не можевме да ги утврдиме учесниците во „Јавна соба“ кои што објавиле инкриминирачки материјали согласно законот за да може да ги процесуираме“ – (изјава на Чулев на 18.02.2020).

Оттогаш, нема нови изјави и некои позначајни активности на МВР, барем не можат да се најдат во јавноста, сè до пред неколку дена кога случајот се обнови со истоимена група, повторно на „Телеграм“, која и овој пат беше затворена од оваа социјална мрежа, а активностите на МВР сега раководено од Оливер Спасовски продолжуваат со приведување на лица и веројатно ќе продолжат со кривични пријави.

Како што може да се види од архивите, сосема се јасни две-три работи, кои Арсовски во својата изјава ги извртува, т.е. спинува.

Прво, случајот од страна на МВР раководено од Наќе Чулев, не бил расчистен за еден ден.

Второ, МВР тогаш само делумно го расчистило случајот и тоа завршува со поднесување неколку кривични пријави до ЈО.

Трето, тој случај сè уште не е решен. Како што објави неодамна А1Он, медиум кој практично прв алармираше за постоење на ланската група, предметот сè уште е во фаза на предистрага и на „детална форензичка анализа на извадените податоци од запленетите мобилни телефони со цел да се обезбедат докази за евентуално сторено кривично дело..“.

„Ако може да се толкува ваквата реченица за „детална форензичка анализа“, тоа покажува на недозволива бавност на ЈО во овој предмет, но и на можноста дека при анализата што ја направило МВР тогаш, не успеало доволно јасно да ги поткрепи кривичните пријави што ги поднеле до ЈО, па оттаму и се бараат „детални анализи“. Впрочем, на бавноста реагираа и од Платформата за родова еднаквост.

Според наведените факти и аргументи, може да се оцени дека изјавата на Арсовски, дека „минатата година исто во јануари кога се појави случај со „Јавна соба“ за само еден ден беше расчистен, бидејќи со МВР раководеше министерот Наќе Чулев“, е спин.

Случајот е многу покомплексен, што укажува на повторување на аферата и тој бара мултисекторски пристап од сите институции, се разбира нивна максимална проактивност, а не инертност и промена на Кривичното законодавство, како што истакнаа и дел од жртвите и дел од експертите, пишува Вистиномер.мк