Во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ посветено на реакција на СДСМ и нејзината оценка за Извештајот на ЕУ за земјава, може да се детектира спин:
„…Македонија ќе продолжи со реформите без разлика на диоптријата која е јасна, а тоа е дека извештајот како многу пати во минатото и во други земји се користи како дел од политичките условувања, притисоци и динамика на земјата. Но за нас е јасно дека вакви и слични извештајчиња ќе продолжат се додека не се најде решение со Бугарија. Но и покрај тој негов аспект, извештајот сметаме дека е одличен и не охрабрува да продолжиме на патот на реформите и го гледаме како патоказ на кој треба да се фокусираме во иднина…“
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение/Независен.мк – датум: 05.11.2025]

Контраспин: Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во соопштение кое е одговор на прес-конференцијата во СДСМ за Извештајот на ЕУ за напредокот на С. Македонија, употреби термин „извештајче“ за документот за направениот прогрес, што заедно со појаснувањето дека тоа било така заради прашањето со Бугарија, претставува јасно извртување на вистината, т.е. спин.
Спинот всушност започнува со појаснувачката реченица претходно дека „Македонија ќе продолжи со реформите без разлика на диоптријата која е јасна, а тоа е дека извештајот како многу пати во минатото и во други земји се користи како дел од политичките условувања, притисоци и динамика на земјата“. Значи однапред се дава негативна квалификација на прогрес извештаите на ЕУ кои се прават секоја година за сите земји кандидати и аспиранти кон ЕУ, за да се остави впечаток дека оценките внатре и диоптријата се јасни, т.е. во одредени делови се намерно негативни за да се искористат за „политички условувања, притисоци и динамика на земјата“.
По ова следи квалификацијата на Извештајот како „извештајче“, клучен деминутив за да се постигне целта на спинот:
„Но за нас е јасно дека вакви и слични извештајчиња ќе продолжат сè додека не се најде решение со Бугарија.“
Со вака структурирана реченица не само што се негираат и минимизираат деловите од Извештајот на ЕУ кои укажуваат дека нема постигнато никаков прогрес, особено во првиот кластер „фундаменти“ (Поглавје 23), туку на јавноста ѝ се испраќа порака дека и во идни извештаи и оценки на ЕУ, ако се негативни, зад тоа стои чиста политика, а не реални оценки за напредокот на земјата.
За да се замаскира ваквата порака која, се чини, била пресилна и за авторот на соопштението, веднаш следува реченица во која се оценува дека тоа е само еден аспект на извештајот:
„Но и покрај тој негов аспект, извештајот сметаме дека е одличен и нè охрабрува да продолжиме на патот на реформите и го гледаме како патоказ на кој треба да се фокусираме во иднина….“
Ваквата комуникација со јавноста на владејачката партија, без оглед на различни погледи кон Извештајот и во самата јавност, е извртување на вистината, т.е. спин. Целта на спинот, се чини, дека е минимизирање на штетите во јавноста од негативните делови во самиот Извештај и потенцирањето на тие делови од страна на опозицијата.
Пишува: Теофил Блажевски
Извор: Вистиномер
