fbpx

Контраспин: Судот има преведувачи, но преводот на списите за „ТНТ“ може да ги застари кривичните дела

-

Адвокатот Даути дури и формално да е во право, де факто спинува, затоа што неговото право на употреба на албанскиот јазик во постапаката за ТНТ ќе доведе до прекршување на судење во разумен рок, облигација од ЗКП која судот мора да ја спроведе. За да ја спроведе, судот мора ги спречи злоупотребите на правата на странките во постапката. Злоупотребата, пак, може да се претпостави со фактот што адвокатот активно го зборува македонскиот јазик, а на странката што ја брани македонскиот јазик и е мајчин јазик. Во секој случај, судот има право да ја цени злоупотребата на странките во постапката, во случајот злоупотребата на јазикот.

Новиот адвокат во одбраната на една од обвинетите во случајот ТНТ, Мерџан Даути, даде изјава која фактички е извртување на вистината, т.е. спин, пишува Теофил Блажевски во рубликата „Контраспин“ на „Вистиномер.мк“.

Спин: 
Што збориме ние за такви финти или пак за одолговлекување. Ако судот е ажурен, а сметам дека е ажурен, а јас немам такво сомнение, како што судот, имам сомнение, а секој може да има сомнение, се работи за нивно (на судот) одоговлекување на оваа постапка. Ако би имало преведувач, а секој суд има преведувачи, ако се ангажираат, сите списи можат да се преведат.

[Извор: Телма – Финти или права, 19.11.2019]

Контраспин:

Соочен со опасноста уште еден процес покренат од СЈО да застари, самиот судија во процесот наречен ТНТ, каде му се суди и на поранешниот премиер Никола Груевски, предупреди дека адвокатите на одбраната ја злоупотребуваат процесната постапка со цел одолговлекување на предметот:

Огнен Ставрев – Ова е злоупотреба од страна на адвокатите за одолговлекување на постапката, бидејќи се изедени голем број докази и таа е во фаза на окончување (Извор: Телма/вести) .

Судијата мисли на двајцата адвокати на една од обвинетите во процесот, Димитар Дангов, кој без образложение истапил од одбраната на обвинетата, а потоа на негово место дојде адвокат Реџеп Даути, кој побарал превод на албански јазик на сите докази и сите материјали во изминатите над 40 рочишта. Тој смета дека на тоа има право според Законот за употреба на јазиците.

Но, тука има неколку спорни елементи. Прво, законите треба да се во согласност едни со други. Во Законот за кривична постапка не стои децидно дека адвокатот има право да бара сите списи да му се преведат на албански, иако членовите 8, 9 и 10, особено член 9 став 3 од ЗКП, може да се толкуваат и поинаку:

(3) Органот што ја води постапката ќе обезбеди усно преведување на тоа што лицето и другите го изнесуваат, како и на исправите и на другиот пишан доказен материјал. Органот што ја води постапката ќе обезбеди писмено да се преведе пишаниот материјал што е од значење за постапката или за одбраната на обвинетиот.

Даути соопшти дека нема намера да се откаже од барањето, иако потврди дека го знае македонскиот јазик и дека дури и го употребил во дел од постапката откако беше назначен на почетокот на ноември.

Но, сепак, поучен веројатно и од праксата, како и од досегашните обиди на адвокати да сторат сè за да се одолговлечи постапката со цел делата да застарат, судијата што го суди овој предмет реши тој да продолжи, со обезбедување преведувач за секое рочиште, но без да се преведуваат материјалите од претходните над 40 рочишта.

Професорот од Правниот факултет Јустинијан Први од Скопје, Гордан Калајџиев, ни изјави дека адвокатот го злоупотребува процесното право, а судот е тој што ја цени злоупотребата.

Тоа е злоупотреба на процесните права затоа што смислата на членовите кои говорат за правото на употреба на јазиците во ЗКП се однесуваат пред сè на странката, за да се обезбеди фер постапка, а не се наменети за политички маркетинг на адвокатите, вели Калајџиев, кој е еден и од пишувачите на актуелниот ЗКП.

СУДЕЊЕ ВО РАЗУМЕН РОК Е ЗАДОЛЖИТЕНО ЗА СУДОТ

Конечно, пред членовите 8, 9 и 10 во ЗКП, се наоѓа членот 6, кој се однесува на правото на обвинетите да имаат судење во разумен рок. Ставот еден од овој член говори дека „лицето против кое се води постапка има право во разумен рок да биде изведено пред суд и да му биде судено без неоправдано одолжување“. А ставот два говори дека судот мора да се спротивстави на злоупотребите кои произлегуваат од правата на странките во постапката за да обезбеди судење во разумен рок:

(2) Судот е должен постапката да ја спроведе без одолжување и да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата кои им припаѓаат на лицата кои учествуваат во постапката.

Самиот адвокат вели дека го познава македонскиот јазик. Впрочем за да добие лиценца за работа тоа е еден од условите пропишани во Законот за адвокатура, во член 12 и во Статутот на Адвокатската комора во член 67.

Дури и да не е спорно дека Даути процесно има право, како што мисли на пример адвокатот Ардијан Демири, сепак, вели тој, една од суштинските работи во судските постапки, е и навременоста:

Јас мислам дека има такво право (адвокатот на одбраната). Ако имаат такво право странските сигурно такво право му следува и на адвокатот. Тоа се процесни овластувања што ги дава законот со цел постапката да биде поправична, по фер…Меѓутоа какви и да се законските овластувања на едната или на другата страна, навистина, десет години не може да трае еден процес…. (Ардијан Демири Топ тема од 38 мин.)

Конечно во Коментарите на ЗКП, напишани од еминентни професори по право, за член 6 и за злоупотребите на правата на странките во постапката што би довеле до судење во неразумен рок, се вели:

Во  едно  свое решение ВСРМ укажува дека искористувањето на процесните овластувања  на  странките  не  може  да  им  се  припише  како придонес во должината на постапката, но тоа само во случај кога  овие  овластувања  се  користат  заради  остварување  на правата кои им се гарантираат во постапката, а не и кога тие се користат за да се предизвика одлагање на постапката, во тие случаи судот кој управува со постапката е должен на странките да  им  ја  оневозможи  таквата  злоупотреба  на  процесните овластувања

Поради погоре изнесените аргументи оценуваме дека зборовите на адвокатот дека преведувачите можат да ги преведат сите списи и дека тој има право на тоа, дури и формално да е точна, е извртување на вистината, т.е. спин, затоа што на тој начин се заканува прекин на судењето повеќе од три месеци, со што спореди истиот ЗКП, судијата ќе се соочи со барање за повторување на судењето од почеток и со тоа да не дојде до судење во разумен рок. Но, освен ова со што ќе биде прекршен членот 6 од ЗКП, постои и опасноста да застарат делата по кои се судат обвинетите, т.е. да дојде до избегнување на правдата, односно неказнивост.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Таткото на Вања Ѓорчевска оди во домашен притвор

По речиси пет месеци во притвор, Врховниот суд одлучи таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, да оди во куќен притвор. „По одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот...