fbpx

Контраспин: Спинувањето околу лебот им се чини „вкусно“ и на партиите и на бизнисот

-

„Вистиномер“ утврди повеќе спинови од политичките партии и од дел од бизнис заедницата за причините зошто нема бел и полубел леб во голем дел од продажните места во земјата, состојба што настана по одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот на 33 денари донесена на 28.02.2023 година, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Откако Владата на предлог на Министерство за економија донесе одлука за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари за тежина од 450 грама, на 1, на 2 и на 3 март, барем на најголемиот пазарен конзум во Скопје, овој и други типови леб по оваа цена не беше доставуван во маркетите, а истовремено, дел од политичките партии и дел од бизнис заедницата што се занимава со производство на леб искомуницираа со јавноста со спинови:

Спин1: Криминалните СДС и ДУИ го оставија народот без леб. Со оваа власт има за тендери и криминал, а нема за леб.

Власта е неспособна да ги уреди односите, и создава криза и не може да обезбеди сигурност во снабдувањето на основните продукти.

Со СДС и ДУИ државата е вратена во транзицијата, кога имаше празни рафтови и недостатоци со денови на млеко, месо и други производи…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение – датум: 02.03.2023]

Контраспин1: Во однос на тврдењето од ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ и ДУИ го оставија народот без леб и дека се неспособни да ги уредат односите и создаваат криза, дека власта не може да обезбеди сигурност во снабдувањето со основните продукти, речиси сè е извртена вистина, т.е. спин.

Единствено точно е дека до кризата дојде по одлуката на Владата од 28.02.2023 година за ограничување на највисоките продажни цени на белиот и полубелиот леб. Но, ВМРО – ДПМНЕ заборава дека оваа одлука е донесена по предлог на Министерството за економија, а по извршени детални анализи на пазарот и по непочитувањето на џентлменскиот договор меѓу стопанските комори и Владата, кога Владата донесе одлука за субвенционирање на цената на електричната енергија со која дел од фирмите, посебно оние од прехранбената индустрија плаќаа пониска цена од пазарната за набавка за електрична енергија, а се обврзаа да ги намалат цените на своите производи.

Пресметката, неколку дена пред одлуката на Владата ја образложи министерот за економија Крешник Бектеши:

Сметаме дека тоа (33 денари -н.з.) е соодветна цена и може да го прашате секој производител на леб дали со таа цена на брашното и актуелните трошоци 450 грама леб треба да е поскап од 32 денара, вклучувајќи шест денари профит што останува кај пекарите. Значи, 32 денара со шест денара профитна маржа од страна на пекарите, пет отсто маржа од трговците или во малопродажба и пет отсто ДДВ – изјави Бектеши.

По седницата на Владата на прес конференција на премиерот Димитар Ковачевски и Крешник Бектеши, министероти графички ја прикажа анализата на Министерството:

Скриншот од графичкиот приказ на анализата на надлежните

Според тоа, одлуката е донесена токму со цел да се уредат односите во овој сектор, да се влијае на превисоките цени на пазарот и да се направи обид да се влијае на намалувањето на инфлацијата во услови кога во државата сè уште важат прописите за кризна состојба, барем со снабдување со енергенси.

Оттука, фактичка невистина е дека власта ја предизвикала кризата. Недостигот на леб во маркетите е предизвикан од одлуката на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при една од стопанските комори, кои на ден пред одлуката на Владата од 28.02.2023 се заканија дека нема да произведуваат и испорачуваат леб од 450 грама по цена од 33 денари доколку Владата донесе таква одлука. Според тоа, дел од бизнис заедницата, а не власта на СДСМ и ДУИ е директно виновна за кризата, а таквото тврдење на ВМРО-ДПМНЕ, но и на Левица преку нејзиниот лидер Димитар Апасиев – е спин.

 

 ВМРО – ДПМНЕ никаде на побара повисока цена

Спин 2: ВМРО-ДПМНЕ јавно бара поскап леб за граѓаните, СДСМ нема да дозволи

ВМРО-ДПМНЕ јавно побара поскап леб за граѓаните​ и тоа во време на криза.

Белиот дворец застана во одбрана на милионски профити, против заштита на стандардот на граѓаните.

Уште еднаш се потврди дека СДСМ е на страната на граѓаните штитејќи го нивниот стандард. [Извор: СДСМ – Соопштение, датум: 02.03.2022]

Контраспин 2: Во исто време, владејачката СДСМ излезе со две соопштенија во врска со оваа криза. Едното е принципиелно и е во поддршка на одлуката што ја донесе Владата предводена од Димитар Ковачевски, кој истовремено е претседател на СДСМ:

Цената белиот и полубелиот леб е замрзната на 33 денари, за заштита на стандардот на граѓаните во време на глобална криза.

Со помошта од државата за струјата, со моменталните цени на​ суровините, 450 грама леб не би требало да​ се продава за​ повеќе од 33 денари, во кои се вклучени и​ 6 денари како профит што останува кај пекаритe…

Но, соопштението издадено пред него во текот на утринските часови на 02.03.2023 година, кое се повторува и на 03.03., а во кое се обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека „јавно побара поскап леб за граѓаните​ и тоа во време на криза“, е извртување на вистината или  спин.

Детално пребарувајќи ги реакциите на ВМРО-ДПМНЕ од 1., 2. и 3. март 2023 г., „Вистиномер“ не може да најде такво директно барање на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата ја обвинува Владата за кризата со лебот, но никаде не побарала поскап леб за граѓаните, туку наведува дека тие од власта не знаат да ги уредат односите во гранката и со тоа создале криза.

Тоа не значи дека ВМРО-ДПМНЕ бара повисока цена, туку може да значи дека партијата цени оти има и други методи или политики да се обезбеди посакуваната цел – фер цена, а со тоа и пониска инфлација барем во овој сегмент. Од тука, СДСМ ги извртува зборовите и ставовите изнесени од ВМРО-ДПМНЕ. Единствен висок претставник кој се изјасни против ограничување на цените беше Трајко Славевски во колумна изнесена на 01.03.2023 година, но тој став не беше соопштен како партиски, туку како лично мислење. Практично, ставот на партијата го појасни потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочовска, која вели дека тие како партијата предлагале мерки уште пред една година со кои сметаат дека немало да дојде до повисоки цени не само на лебот.

Претсавници на бизнисот кога соопштија дека нема да продаваат лебот по замрзнати цени. Фото: скриншот

Уставот и пазарната економија подразбираат и слободна цена струјата

Спин 3: Нашата одлуката останува во сила. И денеска нема да се испорачува леб на пазарот. Се чека Владата да одлучи позитивно во однос на барањата на пекарите. Замрзнувањето на цената се коси со уставното право за слобода на пазарот. Очекуваме поддршка и од другите индустрии, од сите, зашто ако ова и се случува на пекарската индустрија, може да им се случи и на нив, потенцира во разговор за МИА претставник од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија. [Извор: Телма ТВ/(онлајн) – Претставник на бизнисот, датум: 02.03.2023]

Контраспин 3: Спинот број 3 е изречен од неименуван претставник на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија за МИА, а тука пренесен преку Телма.

Во овој спин, претставникот на соодветната бизнис групација се повикува на Уставот и вели дека замрзнувањето на цената се коси со уставното право за слобода на пазарот.

Слободата на пазарот и здружувањето во Уставот на РСМ е наведено два пати. Првиот пат во Темелните вредности, во член 8 каде како темелна вредност се наведува „слободата на пазарот и претприемништвото“. Следното споменување е во член 55, каде се наведува:

Се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето

Според тоа, вистина е дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, но, исто така, е вистина дека државата има право да преземе мерки против монополско однесување. А, токму анализата на Министерството за економија очигледно констатирало монополско однесување, пред сè, на најголемиот пазар во Скопје, кој, според медиумите, е снабдуван од три-четири големи производители. Ова за Скопје посебно го потенцираме, затоа што вестите што пристигнуваат од другите региони во државата полека покажуваат дека одлуката на Владата има логика и дека во источниот регион производители дури и ја намалиле цената на лебот веќе на 02.3.2023. Веста што ја објавија две медиуми, СДК.мк и Телма речито зборуваат за ова тврдење.

Конечно, не само што државата смее да преземе мерки во пазарна економија со кои би ги регулирала аномалиите на слободниот пазар, како што се замрзнување на цени – за што сведочат и економисти како што се Бранимир Јовановиќ, таа, исто така, презема мерки и за субвенционирање на цените на енергенсите на пазарот, како што се цените на гасот, нафтата и нафтените деривати, но и струјата. И токму таква беше одлуката со која од 01.12. 2022 година да им се овозможи на дел од стопанските субјекти, оние од кои зависи храната во државата, да им се субвенционираат трошоците за електрична енергија за да не ја плаќаат поскапо од 80 евра за Мwh. Но, тогаш, од мелничко-пекарскиот бизнис, како и други прехранбени бизниси, немаше повикување на уставната вредност „слобода на пазарот и претприемништвото“, туку претходно цело време, не само тие, сите комори ја повикуваа Владата да им обезбеди поевтина струја. И со оглед на тоа што е констатирано дека за возврат околу 70 отсто од компаниите не го почитувале џентлменскиот договор да ги намалат соодветно цените на своите прехранбени производи, истата таа Влада има право да донесе и мерка за замрзнување на цените на одреден витален прехранбен производ, а за непочитување на таа мерка има право и да донесе одлука за почитување на таа мерка, како што донесе доцна синоќа (02.02.) со обврската што им ја пропиша на трговците и производителите.

Токму затоа, повикувањето на производителите на оваа темелна вредност од Уставот, во одбрана на одлуката да не се снабдува огромен дел од населението со основен животен продукт, може да се оцени како спин.

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Со 78 гласа „за“, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите. Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање...