fbpx

Контраспин: Спиновите околу Талир 2 дополнително ја уриваат довербата во судството

-

Двата примера околу кои се спинува за Талир 2 покажуваат многу добро дека самите главни партии што во огромен дел биле и креатори на политики во правосудството и не може да се амнестираат за тоа дека довербата на јавноста е сè уште многу ниска, секојдневно со своите спинови придонесуваат таа доверба да остане закована за дното уште долго време…Спинува на големо ВМРО-ДПМНЕ, но спинувања има и од СДСМ…, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Пишува: Теофил Блажевски

Повеќе спинови се изнесени за пресудата во случајот Талир 2, а еве ги оние што ги изнесе ВМРО-ДПМНЕ:

Спин: Пресудата за случајот Талир е диктирана во СДСМ, и тоа од седиштето кое е нелегално присвоено како поранешен објект на МОН. Ова го прават не затоа што се силни туку затоа што се слаби и знаат дека народот не ги сака и рејтингот на СДСМ тоне.ВМРО ДПМНЕ не се објектите, туку народот.
Пресудата на Талир е дефокус од животот во национална катастрофа, поскапувања и грабеж кој се прави на народот. Обвинителството и судот се продолжена рака на СДСМ….
Пресудата во случајот Талир 2 е предвреме напишана. Истата е обзнанена неполни 24 часа по завршните зборови. Кога судијката најде време да ги анализира завршните зборови, и кога најде време да ја напише пресудата…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/соопштение – датум: 09.06.2022]

 

Контраспин: Еден судски случај во последната недела покажува дека главните политички партии се дел од факторите што ја уриваат довербата во јавноста во оваа област, бидејќи судските (и обвинителските), одлуки ги коментираат со спинови. Станува збор за пресудата за Талир 2.

Во овој случај може да се детектираат спинови и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, иако овие на ВМРО-ДПМНЕ се побројни и затоа прво нив ги анализираме. Одлуката на судскиот совет за предметот познат во јавноста како „Талир 2“, со која се определува вина кај обвинетите и се наложува запленување на имот на ВМРО-ДПМНЕ, главното седиште и други 30 партиски имоти, ВМРО-ДПМНЕ ја коментира со генерално три аргументи: 1. Судската одлука е напишана во СДСМ, кој бил во седиште сопственост на МН и предвидено за студентски дом; 2. Судската одлука била донесена само еден ден по завршните зборови на обвинителството и тоа фрла сомнеж дека е диктирана и 3. Обвинителството и судот се продолжена рака на СДСМ. Спиновите, т.е извртувањето на јавноста во сите три аргументи лесно се детектираат.

Ако главното седиште на СДСМ е во зграда на Министерството за образование и била наменета за студентски дом, а СДСМ со кривично дело ја презел зградата, колку што ѝ е познато на јавноста тоа се случувало и пред ВМРО-ДПМНЕ да биде на власт, па за време на владеењето од речиси 10 години имале време преку органите на прогон да иницираат предистрага и истрага која би завршила со обвинителен акт и би имало судска завршница, на овој или оној начин. Но, исто како што јавноста памети, такво нешто немало. Што значи, дека дури и да има некој дел од вистина во тоа тврдење, официјална процедура преку системот немало. Според тоа, тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ е извртување на вистината, т.е. спин.

Спин е и тврдењето дека фактот што одлуката на судот била донесена само еден ден по завршните зборови, укажувало дека таа е пишувана однапред, (во седиштето на СДСМ). Судскиот совет ја гради одлуката, т.е. контурите на одлуката преку целиот судски процес, а овој траеше поприлично долго, иако долго време со одложувања на рочиштата. Значи, увид во аргументите на обвинителството и одбраната судскиот совет ги слушал и ги гледал и разгледувал долго. Завршните зборови, во кои не се изнесуваат нови докази, туку се презентира анализата на едната или другата страна на веќе изнесените докази, не се пресудни за одлуката на судот. Тие може, но не мора да имаат влијание на судскиот совет и неговиот претседател. Така што и овој аргумент на ВМРО-ДПМНЕ е извртена вистина, т.е. спин.

Спин е исто и тврдењето дека обвинителството и судовите се продолжена рака на СДСМ. Неспорно е влијанието на владејачките партии, кога се на власт, но и во опозиција, врз обвинителството и судовите. Тоа било докажано и се уште се докажува преку бројни сериозни анализи (една од нив е и на Метамарфозис од јануари годинава), во кои се нотираат аргументи искажани и од самото судство и обвинителство, дека се уште мислат дека политичките партии се мешаат во нивната работа. Но, оваа состојба која трае со децении, години наназад полека се менува преку реформи што ги спроведуваат партиите на власт, без оглед што тие реформи се бавни и неретко и јавноста и самите актери ги доживуваат и како изнудени од надвор, поради европските интеграции. Оттука, денес сме сведоци, на пример, на многу поажурен и потранспарентен Судски совет од пред неколку години, поодговорни одлуки на самите судови, бидејќи се предмет на континуирани оценки и од Судскиот совет и од јавноста, па сведоци сме дури и на промени во Јавното обвинителство и самите обвинители, кои, исто така, преку постојаната контрола од јавноста, но и почетните обиди  за суштинска контрола од Советот на јавните обвинители, не се веќе во комотна и конфорна зона во која се наоѓаа до пред некоја година.

Второ, како може да се тврди дека „целото“ обвинителство и судство се под контрола на СДСМ, ако истите тие, нели, до 2017 година биле под „целосна“ контрола на ВМРО-ДПМНЕ (ептен често тврдење на СДСМ и ден денешен), а 99 отсто од кадрите се исти и денес и во двете институции? Апсурдот е очигледен, исто како и спинот во оваа насока во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. За уште еден спин од комуникацијата со јавноста на ВМРО-ДПМНЕ околу случајот Талир 2, а тоа е дека партиските згради не се ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа е народот, не вреди ниту да се трошат зборови.

Спинува и СДСМ

Но, за случајот Талир 2 можат да се забележат и спинови од страна на СДСМ. Еден од поочигледните е, дека „Пресудата за Талир 2 е нова потврда за епските граници на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е победа на правдата во еден од најголемите корупциски случаи на ВМРО-ДПМНЕ и воопшто во историјата на правото во државата“. Зборовите се искажани на прес конференција одржана веднаш по пресудата.

Нема епски криминал, како што нема ни корупција од епски размери. Има криминал и има корупција. Кривичните дела  може да биде потврдени во повеќе судски случаи од едни исти лица поврзани со членство или раководење на еден правен субјект(ВМРО-ДПМНЕ), а во некои и не. Од СДСМ, иако во политичка цел го користат ваквиот речник бидејќи  мислат дека сега се „петте минути“ да се дооцрни политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ, не треба да заборават две работи. Првата е, дека станува збор за првостепена одлука, која сè уште не е правосилна, а ќе стане по одлуката што треба да ја донесе Апелацискиот суд, бидејќи таква жалба е веќе најавена и од бранителите и од лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Оттука, за победа на правдата може да се зборува кога ќе заврши целиот процес, иако не може и не смее никогаш да се потценуваат одлуките на првостепените судови.

И кога сме веќе кај Мицкоски, тука може да се забележи и уште еден, често видлив спин, а тоа дека „Јавноста знае дека Христијан Мицкоски исто така му беше советник на Груевски а потоа и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. До ден денеска Мицкоски не само што се нема оградено од криминалот на неговиот ментор Никола Груевски, туку истиот по секоја цена го брани“, искажан и во ова и во други соопштенија на СДСМ.

Тоа што Мицкоски бил советник на Груевски во последната година од неговата власт (2016 г.) не го прави виновен по „дифолт“ за овој случај Талир 2. Колку што е познато, Мицкоски воопшто не е ниту споменат во некои документи околу овој случај, ниту, пак, теоретски би имал вина за дејства започнати уште во 2012 година. Конечно, не му се судеше на Мицкоски. Така што, повикувањето на негова одговорност за овој случај и други утврдени случаи на вина на раководно лица на ВМРО-ДПМНЕ од времето на Груевски, е исто така своевидно спинување, кое исто така може да му штети на правосудството, зашто на пример, Мицкоски досега не е лично гонет.

* * *

Двата примера околу кои се спинува за Талир 2 покажуваат многу добро дека самите главни партии што во огромен дел биле и креатори на политики во правосудството и не може да се амнестираат за тоа дека довербата на јавноста е сè уште многу ниска, секојдневно со своите спинови придонесуваат таа доверба да остане закована за дното уште долго време. Зашто, довербата се мери преку перцепција, а ако ВМРО-ДПМНЕ, на пример (исто важи и за СДСМ), континуирано комуницира со јавноста дека судството и обвинителството се продолжена рака на партијата и коалицијата на власт(на СДСМ и на ДУИ), тогаш и на јавноста и наметнуваат таква негативна перцепција, што пак, прво не е вистина, а второ, одмага на самото судство и обвинителство да се изборат за поголема доверба.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...