fbpx

Контраспин: Спин е дека Владата на СДСМ ја зголемила администрацијата за 30 илјади вработени

-

Анализите на јавно достапните бројки од годишните извештаи за вработените во јавниот сектор во периодот од 2016 до 2020 година покажуваат дека нивниот број се зголемил за околу 2.400, а ако се додадат и зголемувањата од околу 1.700 на бројот на вработените во АД во државна сопственост, вкупната бројка би изнесувала нешто над 4 илјади лица, а не околу 30 илјади како што тврди Мицкоски, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, гостувајќи на ТВ интервју, изјави дека за изминатите пет години бројот на вработени во државната администрација бил зголемен за 30 илјади, изјава во која се препознава спин:

Спин: Оваа Влада што требаше живот да донесе, најпрвин на Зоран Заев, а сега и на Димитар Ковачевски, во овие четири години 18,19,20, 21 успеала да креира во приватниот сектор само 24 илјади работни места, или 6.000, или три пати помалку од претходната Влада и, внимавајте, имаше две сериозни кризи како што беше должничко доверителската и финансиска, што по сите параметри беа многу посилни отколку ковид пандемијата. Внимавајте, имаат креирано околу 30 илјади работни места во јавниот сектор, нели велеа ќе ја намалуваат администрацијата.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб-вест – датум: 11.03.2022]

 

Контраспин: Претседателот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, во ТВ интервју на ТВ Алфа, зборувајќи на повеќе теми, ги критикуваше владите предводени од СДСМ дека имаат креирано 30 илјади работни места во јавниот сектор повеќе, иако ветувале дека ќе ја намалуваат администрацијата, што е извртена вистина, т.е. спин.

Спинот е малку потешко да се фати, зашто самиот Мицкоски употребил интересна терминологија – „креирање работни места во јавниот сектор“. Сепак, искажаното е прилично јасно – креирање на 30 илјади работни места во јавниот сектор – ќе ја намалеле администрацијата, што значи дека на јавноста ѝ е пласиран податок дека за толку повеќе се зголемил бројот на вработени во јавниот сектор од 2018 до 2021 година.

Бидејќи станува збор за јавни податоци, транспарентно објавени и бидејќи Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) тоа го прави секоја година во март за претходната година, достапни се извештаите од 2016 година до 2020 година, а постари на сајтот не можат да се најдат. Извештајот за 2021 година се очекува да биде објавен до крајот на овој месец.

Според краток преглед на споменатите извештаите за пет календарски години, 2016 г, 2017 г, 2018 г, 2019 г, 2020 г, може да се утврдат следните факти:

  • Бројот на вработени во јавниот сектор од 2016 до 2020 година е зголемен за под три илјади, вкупно.
  • Бројот на институциите во јавниот сектор е зголемен од 1291 во 2016 до 1332 во 2020 година (активни се околу 1300).
  • Бројот на вработени во акционерските друштва во државна сопственост пораснал од 8.663 во 2017 до 10.390 во 2020 година (оваа бројка за прв пат се објавува од 2017 година наваму). Треба да се има предвид дека бројките за вработени во АД во државна сопственост се надвор од бројот на вработени во јавниот сектор, што значи дека на вкупната бројка што варира од 290 до 310 илјади лица за споменати години се додава и оваа бројка .

Од кратката анализа на бројките од извештаите во последните пет години може да се констатира следното: бројот на вработени во јавниот сектор се зголемил, но наместо бројката од 30 илјади, официјалната бројка е под 3 илјади (околу 2,4 илјади приод 2016-2020). Дури и ако се додаде бројот на вработените во АД во државна сопственост, чии број се зголемил за околу 1.700 лица, крајната бројка за 2020 година би изнесувала за околу 4.200, повеќе вработени, споредувајќи со вкупно вработените од 2017 година!

Бројот на институциите во исто време пораснал за 41 институција (2016-2020), при што на јавните претпријатија отпаѓаат 15 за истиот период. Јавни претпријатија формираат Владата и единиците на локалната самоуправа.

Графички приказ на ЈА според МИОА

 

Бројот на вработени во државната управа околу 16 илјади

Бројот на вработени во она што стриктно се дефинира како државна управа е приближно ист и се движи околу 16 илјади за целиот извештаен период. Според експерт по јавна администрација од УКИМ, кој што го консултиравме и за овој број и генерално, може да се каже дека РСМ нема преголем јавен сектор кога ќе се спореди со други земји во Европа, а податоците се базираат врз извештаите на ОЕЦД. Во проценти тој се движи од 16-17, максимум 19 посто, во однос на вкупниот број вработени во државата.

Второ, треба да се има предвид дека од 2017 година, за прв пат се објавува и бројот на вработени во акционерските друштва во државна сопственост, нешто што владите на ВМРО-ДПМНЕ, на пример, не го правеле.

Според истиот експерт, РСМ од 2005-6 до денес, тој број на вработени во она што стриктно се нарекува државна управа (Влада, министерства, управи, инспекторати, агенции…) е зголемен за три-четири илјади, значи околу 16 илјади, а според неговото мислење државата би можела да се управува и со бројка од околу 12 илјади вработени.

Можно е да има зголемување од неколку илјади вработени на договори со ограничен период, вработени на определено време во јавниот сектор. Но, повторно, тој број се мери од 2017 година, па така во таа година МИОА измерила дека во јавниот сектор имало времено ангажирани 1.624 лица, во 2019 година тој број пораснал на 3.222 лица, а во 2020 година опаднал на 2.425. МИОА ваквите лица ги опишува како „привремено вработени во јавниот сектор“ и нагласува дека согласно законите за административни службеници и за вработени во јавниот сектор, тие немаат статус на лица вработени во јавниот сектор.

Што значи „креирани“ работни места?

На крајот, за зборот креирани, за кој Мицкоски не појаснува што точно подразбира, зашто можеби согласно систематизациите на овие 1.300 институции (а тие се законски задолжени да имаат систематизации), може да бидат предвидени или „креирани“ повеќе работни места од она што фактички го имаат пополнето.

На крајот, кога се читаат бројките треба да се има и предвид дека во извештаите не се содржани податоци за пратеници, министри, заменици министри, градоначалници, претседатели и членови на државни комисии, директори, судии, јавни обвинители и други избрани или именувани лица, согласно Законот за вработени во јавниот сектор.

Имајќи ги предвид горе наведените факти, Мицкоски спинува кога вели дека бројот на вработените во администрацијата бил зголемен за 30 илјади лица во периодот од 2017 до 2021 година, без оглед што на јавноста не ѝ се достапни податоците за 2021 година. Овој заклучок произлегува од анализата за варијацијата на вкупно вработените во јавниот сектор од 2016 до 2020, која покажува дека се невозможни толкави скокови во јавниот сектор. Оттаму, изјавата со која Мицкоски комуницира со јавноста, може да се оцени како спин.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...