Фото: Влада на РСМ/Вистиномер.мк

Колку дози оптимизам се потребни да се одржи духот позитивен, кога дневно битката со тешкиот вирус ја губат по 35, дури и по 50 лица?  Па, тоа е секојдневно по еден речиси полн патнички автобус! Тоа е страшно, жално, тоа е трагедија која се случува пред нашите очи. Нема тука друг опис. Не може на тие семејства, кои изгубиле член, а некои и повеќе членови во семејството, да им се поткрене оптимизмот со „позитивни настани“, како што беше церемонијата за стартот на изграбата на нов градски пазар во Велес, на која се нареди речиси половина Влада. Или пак, со оној „позитивен ивент“ во Лешок – пуштање во употреба на паркинг, на кој се „нацртаа“ пет државни и локални функционери да сечат лента?! Тешко дека во овие моменти баш ваквите церемонии се лекот за „колективната психолошка депресија во државата“ – дијагнозата што ја прочитал премиерот во анализите и извештаите за пандемијата со коронавирусот, пишува Вистиномер.мк во својот најнов „Контраспин“, што подолу го пренесуваме во целост.

Премиерот Зоран Заев, на 5 април 2021 година, на прес-конференција на која ја соопшти одлука за заострување на рестриктивните мерки поради големиот број на заразени и починати, одговарајќи на новинарски прашања, ја спинуваше вистината:

Спин: Не мислам дека треба да понесам одговорност и нема да понесам одговорност и нема да побарам одговорност. Ние веруваме во позитивни вести дека треба да охрабриме, да направиме поголем оптимизам, затоа што веруваме дека и тоа влијае на севкупната состојба и апсолутно, никако не чувствуваме потреба за тоа да понесеме одговорност. Ако има една причина каде сме згрешиле, или нешто лошо сме направиле, освен не знам чувствата дека некој треба да прави харикири. Некој да направи не знам било што во поглед на тешкотијата и мачнотијата што ја имаме сите во душата од тоа што се случува кај нас и насекаде во светот. Нема предрасуди никој, ниту пак резерви, рече Заев. (од 1:38:16 до 1:39:10 од видеото)

Своето присуство на вакви настани го образложи со извештаите кои ги читал за психолошката состојба во која се наоѓа народот и дека во вакви времиња на граѓаните им требале добри вести.

Прво, во севкупните анализи и извештаи кои ги читам секојдневно како претседател на Владата во поглед на пандемијата, читам дека има во државата сериозна психолошка колективна депресија. Таа се одразува и на психолошко индивидуално ниво. Извештаите и психолозите сугерираат да има позитивни настани, позитивни ивенти, да се случуваат убави работи, да зборуваме нешто убаво, да правиме нешто убаво, затоа што, очигледно, како што кажуват здравствените експертите, ќе трае ова… Животот треба да продолжи и мора да продолжи… Исклучиво сакаме да прошириме позитивна вест, се радуваа велешани за градскиот пазар, рече Заев. (од 1:31:12 до 1:32:18 од видеото)

[Извор: Фокус  и Јутјуб – Прес-конференција во Влада – новинарски прашања и одговори (од 1:28:10 до 1:39:23 од видеото); датум: 05.04.2021]

Контраспин: На новинарско прашање „дали некој од присутните на прес-конференцијата ќе преземе некаква одговорност за лошите проценки со оглед на тоа што за една недела имаме 300 починати, а во исто време се организираа настани, се отвораа пазари.“ ( 1:28:10 од видеото), премиерот Зоран Заев прилично нервозно одговори дека нема да понесе одговорност за состојбата со ковид-19, ниту пак, ќе побара такво нешто од некој од министрите и здравствените власти. А, во однос на присуството на свеченени настани, Заев рече дека тоа било со цел да се прават позитивни вести и да се шири оптимизам во услови на колективна психолошка депресија, предизвикана од пандемијата. Во овој негов настап се препознава спин.

Нема ништо лошо во тоа да се шири оптимизам, да се поткрева расположението кај народот, да се има позитивен поглед на нештата. Тоа навистина е сосема в ред. Но, тука, во конкретниот случај, има едно „само“, што буквално извира од горчината и суровоста на моментот што сите ние го живееме.

ПОЗИТИВЕН ДУХ И УБАВИ ВЕСТИ

Колку дози оптимизам се потребни да се одржи духот позитивен, кога дневно битката со тешкиот вирус ја губат по 35, дури и по 50 лица?  Па, тоа е секојдневно по еден речиси полн патнички автобус!

Тоа е страшно, жално, тоа е трагедија која се случува пред нашите очи. Нема тука друг опис. Не може на тие семејства, кои изгубиле член, а некои и повеќе членови во семејството, да им се поткрене оптимизмот со „позитивни настани“, како што беше на пример, церемонијата за стартот на изградбата на нов градски пазар во Велес, на која се нареди речиси половина Влада – премиерот, двајца вицепремиери, двајца министри, потоа директорот на Бирото за регионален развој, градоначалникот на Велес, други локални функционери и кој уште не. Или пак, со оној  „позитивен ивент“ во Лешок – пуштање во употреба на паркинг, на кој се „нацртаа“ пет државни и локални функционери да сечат лента?!

Фото: Влада на РСМ

Не може преку вакви церемонии да се разубавува денот ниту на оние кои се борат со вирусот. И ним сигурно не им е до „сечење панделки“. Болеста и изолацијата, не само што ги исцрпуваат физички и психички, туку претставуваат и прилично силен економски удар. Здравствените власти смируваат дека државните болници и лаборатории имаат капацитет да одговорат на потребите на пациентите, но оние кои се соочуваат со болеста, најчесто мораат испитувањата (ПЦР тест, крвни аланизи – најмалку три, снимање на бели дробови…) да ги прават во приватните лаборатории.

Но, не се само анализите во прашање, сета терапија – нималку евтина, главно, се купува од џеб за да се добие во време и да се избегне шетањето од аптека до аптека. А, освен лековите, тука се и купиштата витамини – кои, секако, се купуваат приватно. Така што, сумата за лекување на еден член на семејството надминува една просечна плата.

Доколку, пак, за болниот треба да се купи и оксиметар – уред за мерење на сатурацијата, односно количината на кислород присутен во крвта, кој во аптеките чини околу 2.400 денари (цена на апаратот во март), и се искалкулираат инфузиите кои, исто така, многу често приватно се набавуваат, тогаш сумата за лекување од ковид-19 е многу повисока од просечната плата. Па, имајќи го предвид нашиот стандард, премиерот веројатно знае или може да претпостави, колку луѓе во државата имаат примања со кои би можеле да ја платат ковид-терапијата.

КОЛЕКТИВНА ДЕПРЕСИЈА И ОПТИМИЗАМ „НА НАЈЈАКО“

Несомнено, на сите овие граѓани не им е дојдено до фешти за почеток на изградба на пазари или пуштање во употреба на паркинзи. Така што, тешко дека во овие моменти баш ваквите церемонии се лекот за „колективната психолошка депресија во државата“ – дијагнозата што ја прочитал премиерот во анализи и извештаите за пандемијата на коронавирусот.

Тоа е сосема погрешна проценка. Напротив, овие слики се поразителни, а изјавите со кои треба да се оправдаат ваквите позитивни настани, кај оној што ги слуша создаваат чувство на нелагодност, непријатност поради туѓата несмасност.

Но, „дефицитот“ на позитивна енергија кај луѓето не е само поради корона-пандемијата. Од каков материјал треба да се биде скроен човек, за сè уште да го држи оптимизмот откако ќе ја прочита трогателната приказна за завеаното лице во Кратовско, која на социјалните мрежи ја раскажа младиот лекар од Итната помош, Павле  Зафиров. Шокантна е драмата со премрзнатиот човек кого го нашла неговата 90-годишна мајка, која, немајќи сила да го крене, цела ноќ останала крај него, обидувајќи се да го загрее, а во утринските часови, иако не знаела да ракува со мобилен телефон, некако успеала да се јави и да побара помош.

По поминати повеќе од 12 часа на поларни температури, не можејќи да добијат помош од институциите, медицинската екипа и членови на семејството 5 часа го носеле човекот на импровизирани носила низ снегот за да го префрлат до возилото, па до болница. Тој, за жал, не успеа да се избори за живот, а институциите кои се прогласија „ненадлежни“ да постапат во случајот, сега си ја префрлаат одговорноста.

Сите нас, пак, и покрај сè, препорачливо е да не држи оптимизмот на најјако!

НЕМА ОДГОВОРНОСТ – ИМА ХЕРОИ, А ЌЕ ИМА И ОРДЕНИ

Кажете каква одговорност, нема проблем, еве потенцирајте ја, Заев да си даде оставка,  Венко да си даде оставка, кој да си даде доктор Илир, доктор Милена, доктор Лилјана од Струмица, кој? (1:35:52 од видеото).

Со ваков тон ѝ одговори премиерот на новинарката на „Телма“, откако таа по вторпат го праша дали, сепак, некој ќе понесе одговорност затоа што досега не се презедоа посериозни рестриктивни мерки (1:34:40 од видеото).

Кажете ја слободно оставката ако ја барате оставката. Не е проблем оставката, горчина е насекаде во душите. Нашиот здравствен персонал и сите здравствени експерти прават повеќе од тоа што е возможно и тоа што се очекувало од нив. И апсолутно нема потреба никој од здравствениот аспект да понесе никаков вид на одговорност Тоа се нашите херои сите од минситерот за здравство, заменикот-министер до последниот здравствен работник или администрација што помага на здравствените работници во тој дел. Навистина спремаме ордени и ќе делам јас ордени како претседател на Владата согласно одлуката на влада буквално медали и заслуги за сите овие наши херои. И апсолутно тука не гледам никаква одговорност колку и да бидеме различни во размислувањата… ( од 1:36:10 до 1:36:54), рече Заев.

Притоа, тој нагласи дека секогаш се носат мерки коишто се соодветни на состојбите:

Се прават анализи и се носат мерки тогаш кога треба за да не се прави штета на економијата, еве денеска треба (1:38:10 од видеото)

Иако, пред само неколку дена (30.03.2021) по координацијата на министерот Филипче, со директорите на ковид центрите и претседателот на Комисијата за зразни болести, Министерството за здравство соопшти дека нема потреба од воведување построги мерки, бидејќи тие не би дале резултат во услови кога коронавирусот е премногу раширен.

Според анализите на епидемиолозите, нема потреба од воведување на нови дополнителни рестрИктивни мерки, односно истите не би дале резултат со оглед на тоа што се наоѓаме на крајот на активноста, на респираторниот вирус, односно на 6 до 8 недела од третиот бран. Тоа, според епидемиолозите, значи дека вирусот има широка инфекција на територијата на целата држава…, се наведува во соопштението од Министерството.

Затоа и новинарката го праша премиерот зошто се доцни со рестрикциите, во ситуација кога состојбата со коронавирусот во земјата е подолг период загрижувачка.

Извештаите од здравствените власти говорат за голем број заболени и починати на дневна основа, болниците се преполни и во ковид-центрите расте притискотот од наплив на пациенти во тешка состојба на кои им е потребен кислород. Во штипскиот и кочанскиот ковид-центар, уште минатиот вторник (30.03.2021) немаше слободни болнички кревети, таму беше преполна и модуларната болница.

Но, на целата прес-конференција во Владата не слушнавме ронка самокритичност во настапите на премиерот, министерот за здравство, претседателот на Комисијата за заразни болести, за тоа зошто се чекаше неколку недели за да се заострат мерките.