fbpx

Контраспин: Случај Ејупи – Прашањето дали е почитуван законот не може да биде шовинистичко

-

Прашањето за вработувањето на Бесмира Ејупи е прашање од висок јавен интерес. И токму затоа, двата спина што ги изрече премиерот Ковачевски, околу шовинизмот и издвојувањето само на Општина Петровец, се недозволиви. Зашто во целата афера станува збор единствено дали се почитуваат законите во државата и дали институциите се водат од главната визија во Стратегијата Едно општество за сите, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Премиерот Димитар Ковачевски даде изјава во врска со случајот на Бесмира Ејупи, при што може да се детектира спин:

Спин: На тоа прашање, јас гледам во континуитет и не ми се допаѓа една висока доза на шовинизам од страна на опозицијата. Особено насочено кон жените. Тоа во континуитет се случува и не е добро. И вие искористивте еден израз „некој се вдомил некаде“, но ова јас го сметам за чисто административно прашање во рамките на МНР за што повеќе детали може да Ви даде министерот за надворешни работи. Но проверувајќи, а и Вие може да проверите, дека за личноста за која прашувате-јас двапати сум прашуван за истата личност. Прво беше дали е конзул, се испостави дека не е, така и кажав. Меѓутоа таа била вработена во општина која подолг период е водена од градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Така да треба да се провери дали е тоа вистина за да се види кои се мотивите за такви напади.

[Извор: ТВ Телма/онлајн – Изјава на Д. Ковачевски, датум: 05.09.2022]

 

Контраспин: Во ваквата изјава на Ковачевски, дадена како одговор на новинарско прашање на прес конференција во владата, се детектираат најмалку два спина – спинот околу шовинизмот и спинот околу Општината во која била ангажирана Бесмира Ејупи.

Да потсетиме, случајот на Ејупи излезе на површина на почетокот на годината, кога во јавноста се проширија информации дека некогашната презентерка и ТВ водителка во една приватна телевизија требало да стане идна конзулка на РСМ во Конзулататот во Њујорк, САД.

Првиот спин околу шовинизмот е извртување на вистината, бидејќи сегашната афера за Ејупи и нејзиното вработување во Министерството за надворешни работи кое во моментот на пишувањето на овој текст се уште не е официјално потврдено, ја лиферуваше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која во старт јасно даде до знаење дека се интересира дали е вистина и кога и како се случило, т.е. дали преку конкурс, дали законски и слично. И тоа во нивната реакција, по изјавата на премиерот го повторија.

Значи, кога опозицијата, но и медиумите и севкупната јавност се сензибилизирани околу прашањето на нечие вработување, најнормално е официјални претставници на институциите, па макар и тоа да бил премиерот, да одговорат колку што можат попрецизно, без квалификативи или обидувајќи се на тоа прашање да му дадат и припишат шовинизам, користејќи се со некои случаи од минатото, при што постапки и изјави од опозицијата беа квалификувани како шовинизам, мизогинија, нарушување на приватност и слично (нападите врз министерката за одбрана, на пример).

Вториот спин или извртување на вистината од страна на премиерот е кога во изјавата за поранешните ангажмани на Ејупи го издвојува само оној во Општина Петровец, каде градоначалникот е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Но, притоа, премиерот заборава да каже дека дека аферата со Ејупи беше за тоа не само како била ангажирана во Општина Петровец, туку како истовремено била ангажирана уште во три други општини, каде што градоначалниците се од редовите на ДУИ – Чаир, Сарај и Брвеница, каде сегашниот кандидат е, исто така, од ВМРО-ДПМНЕ.

Токму затоа, поради ваквите полуизјави или извртувања на вистината треба да се потсети јавноста, но и претставниците на институциите, зошто прашањето на Ејупи е прашање од висок јавен интерес.

ДКСК многу јасно и детално ги постави сомневањата за злоупотреби

Како што рековме по аферата во која Ејупи стана позната во јавноста – дека била планирана за конзулка во Њујорк, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) отвори предмет по сопствена иницијатива. Откако повеќе од еден месец го истражуваше, ДКСК реши да го затвори со иницијатива за кривично гонење на првите луѓе на пет институции – Државното прабовобранителство (ДП) и градоначалниците на четирите општини, Сарај, Чаир, Петровец и Брвеница. Одлуката беше донесена на седница на Комисијата на 01.06.2022 и ако детално се прочита, ќе стане јасно зошто Комисијата се решила ова прашање да го достави за натамошна истрага и со предлог за кривично гонење до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), „поради основани сомненија за сторено кривично дело по член 353-в(став 5) од Кривичниот законик, „несовесно работење во службата“

Станува збор за класична злоупотреба на надлежностите што ги имал Државниот правобранител (ДП) и градоначалниците на четирите општини, бидејќи ја ангажирале Бесмира Ејупи за извршување работни задачи кои во ДП одговараат на работно место Советник за општи и заеднички работи во Одделение за општи и заеднички работи, а во договорите што ги прочешлала ДКСК биле пронајдени описи за исти или слични работни задачи и во некои од општините.

Но, освен ова, покрај Бесмира, ангажирани биле уште две лица за истата или слична работа, нејзината сестра Фатиме Ејупи и ќерката на генералната секретарка во Правобранителството Андријана Сливковска, со тоа што, Фатиме покрај од ДП била анагажирана и во Државната изборна комисија. Ангажманите се случувале од 2020, 2021 и 2022, при што медиумите по јавни извори за информации (отворени финансии), успеаја да избројат 39 трансакации само кон Бесмира Ејупи со повеќе од 12 илјади евра. Има и многу други појаснувања во одлуката на ДКСК, но ова е накратко раскажано.

Зошто прашањето за Ејупи е од висок јавен интерес?

Кога станува збор за случајот со Ејупи, треба да се има предвид уште една одлука на ДКСК, од која станува појасно зошто ова прашање е од висок јавен интерес. Имено, ова не е прв случај со ангажирање на хонорарни соработници за работни позиции што треба да ги извршуваат вработени лица според систематизацијата или воопшто ги нема (како во ДП и некои општини каде била ангажирана Бесмира Ејупи). На истата седница од први јуни ДКСК донела одлука и за покренување иницијатива до ОЈО ГОКК за покренување постапка за кривично гонење против двајца генерални секретари на Владата за периодот од 01.01.2017 година до 30.10.2021 година, поради заобиколување на Законот за вработени во јавен сектор и Законот за административни службеници за ангажирање на повеќе лица (станува збор за стотици лица) за извршување на работни задачи за потребите на ГС на Владата. Притоа, ДКСК констатирала дека ваквата пракса почнува од 2017 година и дека секоја година биле ангажирани лица од приватни агенции за вработување преку јавни повици, а исплатената сума била над 153 милиони денари вкупно или околу 2,5 милиони евра.

Според тоа, Ковачевски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и сите други што имаат некаква законска надлежност или поврзаност со случајот Бесмира Ејупи, треба да знаат дека позицијата и јавноста не се интересираат за Ејупи поради некаков шовинизам, мизогинија или каприци, туку поради основната обврска на институциите – дали се почитуваат законите или не и дали навистина институциите се однесуваат според визијата за државата запишана во Стратегијата „Едно општество за сите“.

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...